Јована Тренчевска СДСм Фото: Принтскрин

Тренчевска: „Новото нормално“ на ДПМНЕ е да отфрла закони кои значат намалени трошоци

„Новото нормално на Христијан Мицкоски е дека ДПМНЕ и нивните приврзоци ЗНАМ и ВЛЕН застанаа против граѓаните и не ги прифатија законите за намалување на ДДВ на струјата и основните прехранбени производи,“ рече денеска пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска.

„Денес во Собранието на Република Македонија, сведочевме на уште еден акт на отуѓеност и негрижа од страна на владејачкото мнозинство. Наместо да ја прифатат мерката која директно ќе им помогнеше на граѓаните, пратениците на ДПМНЕ и нивните коалициски партнери ги отфрлија предложените измени на Законот за ДДВ, со кои предвидовме намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18% на 5% и целосно укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи. Ова беше можност да се стави крај на скапотијата и да им помогнеме на граѓаните да имаат пониски сметки за струја и поевтина храна. Но, за жал, ДПМНЕ уште еднаш покажа дека партиските калкулации им се поважни од животниот стандард на народот,“ рече Тренчевска.

„Во време на постојан пораст на цените на храната, кога електричната енергија стана најскапа во регионот, кога граѓаните се борат со неизвесноста за секој нареден месец, владејачкото мнозинство одби да поддржи конкретни мерки што веднаш ќе значеа намалени трошоци за домаќинствата. Предложивме одржливи решенија – намалувањето на ДДВ-то за струјата ќе значеше 13% пониски сметки за над 600 илјади домаќинства. На пример, за сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедеа 400 денари месечно, а за повисоките сметки заштедата ќе беше уште поголема,“ додаде пратеничката.

„Истото важи и за основните прехранбени производи – намалувањето на ДДВ од 5% на 0% ќе значеше над 3.000 производи поевтини, вклучувајќи леб, брашно, млеко, јајца, масло, шеќер и сите други неопходни намирници што секојдневно ги купуваат граѓаните. Но, наместо да ги поддржат овие мерки, сведочиме на политички калкулации и отфрлање на предлози кои можат да направат реална разлика во животите на граѓаните. Ова е уште еден доказ за тоа колку е оддалечена оваа власт од реалноста,“ заклучи Тренчевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот