
Трамп: САД се подготвени да воведат серија царини за Русија, членките на НАТО ја финансираат војната во Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека Соединетите Американски Држави се подготвени да воведат серија царини за Русија доколку не се постигне договор за прекин на војната во Украина и ги обвини поединечните членки на НАТО дека ја финансираат војната на Русија во Украина со тоа што продолжуваат да купуваат руска нафта.
Препорачано
„Во случај Русија да не е подготвена да постигне договор за прекин на војната, тогаш Соединетите Американски Држави се целосно подготвени да воведат многу силна рунда моќни царини, кои, верувам, многу брзо би го запреле крвопролевањето“, рече Трамп во говорот на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации, кое траеше речиси еден час, што е четири пати подолго од закажаното време.
Трамп рече дека е потребно сите да усвојат исти мерки за да бидат ефикасни.
„За да бидат ефикасни тие царини, европските нации, сите вие што сте се собрале овде, би морале да ни се придружите во усвојувањето на токму истите мерки“, рече Трамп, пренесува Ројтерс
Тој рече дека фактот што дури и земјите од НАТО не го запреле увозот на големи количини руска енергија и руски енергетски производи е „неоправдан“.
„Тие финансираат војна против себе. Купуваат нафта и гас од Русија додека се борат против Русија. Тоа е срамно“, рече Трамп, пренесува Ројтерс.
Според него, Европа мора да се зајакне.
„Тие треба веднаш да ги запрат сите купувања на енергија од Русија, во спротивно сите губиме многу време“, рече Трамп, додавајќи дека ќе разговара со европските лидери за ова прашање оваа недела.