
Трамп постави рок до недела за Хамас да постигне договор
Американскиот претседател Доналд Трамп денес постави рок до недела во 18:00 часот по време на Вашингтон (полноќ по средноевропско време) палестинската милитантна група Хамас да се согласи со планот на Белата куќа за прекин на конфликтот во Појасот Газа и спроведување на мировниот договор, пренесува БИ-БИ-СИ.
Препорачано
Трамп се закани дека ако Хамас не го прифати договорот, за таа милитантна група „ќе се појави пекол, каков што никој досега не видел“.
Тој на својата социјална мрежа TruthSocial истакна дека, и покрај трагичните загуби, Хамас ја доби последната шанса да преживее, благодарение на мировниот договор поддржан од големите сили на Блискиот Исток и Соединетите Американски Држави.
„Големите, моќни и многу богати нации на Блискиот Исток и околните области, заедно со Соединетите Американски Држави, се согласија, со потпис на Израел, за мир по 3.000 години на Блискиот Исток. Овој договор, исто така, ги поштедува животите на сите преостанати борци на Хамас…
Ќе имаме мир на Блискиот Исток на еден или друг начин. Насилството и крвопролевањето ќе престанат“, рече тој.
Трамп, исто така, повика на ослободување на сите заложници, вклучувајќи ги и телата на загинатите.
Тој побара од „сите невини Палестинци“ веднаш да ја напуштат зоната на „потенцијално голема идна смрт“ и да одат во побезбедни делови од Газа.
Трамп нагласи дека Хамас со години е „сурова и насилна закана“, што, рече тој, кулминираше со масакрот на 7 октомври 2023 година, предизвикувајќи смрт на „многу невини цивили“.
„Како одмазда за нападот врз цивилизацијата на 7 октомври, повеќе од 25.000 „војници“ на Хамас веќе се убиени. Повеќето од останатите се опколени… и само чекаат да дадам наредба да „тргнат“, за брзо да им се згаснат животите. Што се однесува до останатите, знаеме каде сте и кои сте, и ќе бидете прогонувани и убиени“, рече американскиот лидер.
Хамас претходно оваа недела соопшти дека разгледува план презентиран од Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по разговорите во Белата куќа во понеделник.
Неименуван извор близок до палестинската милитантна група Хамас претходно изјави за саудискиот телевизиски канал Ал-Хадат дека Хамас бара точен рок за повлекување на Израел од Газа и гаранции за завршување на војната.
Мировниот план на Белата куќа за Газа, меѓу другото, повикува израелските сили да се повлечат на договорените линии за да се подготват за ослободување на заложниците, а кога сите заложници ќе бидат ослободени, Израел ќе ослободи 250 Палестинци кои отслужуваат доживотни затворски казни и 1.700 жители на Газа кои се притворени откако започна војната на 7 октомври 2023 година.