Трамп направи целосен пресврт: Историски скок на Волстрит по одложувањето на царините

На Волстрит, S&P 500 скокна за 9,5 отсто во средата, што е негова најголема дневна добивка во последните 17 години, откако американскиот претседател Доналд Трамп го одложи спроведувањето на дополнителните, реципрочни царини за сите земји освен Кина.

Индексот Dow Jones порасна за 7,87 отсто, на 40.608 поени, додека S&P 500 скокна за 9,52 отсто, на 5.456 поени, а индексот Nasdaq за 12,16 отсто, на 17.124 поени.

Тоа е најголемиот дневен скок од глобалната финансиска криза во 2008 година и трет најголем по Втората светска војна. За Nasdaq, сепак, тоа е најголемиот скок од Dotcom кризата во 2001 година и втор најголем во историјата.

Вчерашното тргување започна внимателно, со благ пораст на индексот, а нивниот силен скок следуваше попладнето, откако Трамп на социјалните мрежи објави дека привремено, за 90 дена, ќе ја одложи примената на реципрочните царини за сите земји, освен за Кина, за која дополнително ќе ги зголеми царините на вкупно 125 отсто.

Секретарот за финансии Скот Бесант подоцна на прес-конференција појасни дека реципрочните царини ќе бидат суспендирани и дека основната давачка од 10 проценти ќе се плаќа за речиси сите стоки увезени во САД.

Одложувањето нема да се однесува на претходно воведените секторски царини за автомобили, челик и алуминиум, како и за царините од 25 отсто за Канада и Мексико, а Вашингтон ќе преговара со трговските партнери за новите услови за меѓусебна трговија во наредните месеци.

Зголемувањето на царините за увоз на кинески стоки на вкупно 125 отсто е одговор, рече Трамп, на кинеското зголемување на царините за увоз на американски стоки на 84 отсто, кое стапува на сила на 10 април.

Одложувањето на реципрочните тарифи помалку од 24 часа по нивното воведување следуваше по најголемиот четиридневен пад на цените на акциите од кризата со коронавирус, при што индексот S&P 500 потона за 12 отсто.

Со вчерашниот скок индексите повратија најголем дел од тие загуби.

По одложувањето на царините на Трамп, аналитичарите на Голдман Сакс ја повлекоа својата неодамнешна проценка на ризикот од рецесија и рекоа дека очекуваат раст на американската економија оваа година.

Цените на акциите вчера пораснаа во сите 11 најважни сектори на индексот S&P 500, а меѓу најголемите добитници беше технолошкиот сектор со раст од над 14 отсто.

Во меѓувреме, цените на акциите на технолошките гиганти Apple, Nvidia и Tesla, кои драстично паднаа во претходните денови, скокнаа меѓу 15 и 22 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот