
Трамп најави испраќање федерални трупи во Мемфис
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, објави дека започнува извршна акција за создавање „Работна група за безбедност на Мемфис“ насочена кон зајакнување на борбата против криминалот.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Додека се подготвува да ја распореди Националната гарда во милионскиот град во државата Тенеси, администрацијата на Трамп тврди дека ги засилува напорите за сузбивање на криминалот во големите американски градови, пишува Си-ен-ен.
Откако претходно се фокусираше на Чикаго, а потоа се повлече, Трамп објави дека ќе испрати слична работна група во „Ветровитиот град“, и покрај силното противење од демократите, вклучувајќи го градоначалникот Брендон Џонсон и гувернерот на Илиноис, Џ.Б. Прикер.
Создавањето на работната група за безбедност во Мемфис би било модел за зголемените федерални сили во Вашингтон. Националната гарда и претставници од неколку федерални агенции ќе бидат испратени во Мемфис, вклучувајќи ги ФБИ, АТФ,ДЕА, ИЦЕ и Министерството за внатрешна безбедност, рече Трамп.
„Многу е важно поради криминалот што се случува, не само во Мемфис, туку и во многу градови“, рече Трамп од Овалната соба, во придружба на гувернерот на Тенеси, Бил Ли, додека го потпишуваше претседателскиот меморандум за формирање на работната група, додавајќи дека таа ќе биде „реплика на нашите многу успешни напори овде и ќе видите дека е во голема мера исто“.
Градоначалникот на Мемфис, Пол Јанг, во саботата за Си-ен-ен изјави дека не е задоволен од пристигнувањето на Националната гарда и бара начини за справување со криминалот во градот.
Најавата за распоредување трупи во Мемфис следеше по шпекулациите дека Чикаго е следната цел на администрацијата на Трамп. Сепак, плановите беа одложени откако советниците му кажаа дека испраќањето трупи без одобрение од гувернерот може да предизвика правни проблеми.
Покрај Тенеси, во меморандумот се вели дека ресурсите од Арканзас и Мисисипи би можеле да помогнат доколку е потребно.