Трамп криминалецот, Трамп претседателот

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Пред 10 години беше тешко да се замисли дека некој осуден по 34 основи може да се смета за кандидат за претседател. Денес Доналд Трамп би можел да биде блиску до затворот – но тој е многу поблиску до Белата куќа

Доналд Трамп како претседател ги игнорираше нормите на демократијата, ја уриваше правната држава, го омаловажуваше Конгресот, ги навредуваше ривалите во Америка и сојузниците во светот, ги задушуваше медиумите и помисли дека е над законот. Тогаш поротата во судот на Менхетен едногласно одлучи:
Виновен, виновен, виновен. И така 34 пати по сите 34 точки од обвинението за фалсификување деловни документи во обид да ја прикрие тајната исплата на 130.000 долари на порно ѕвездата Сторми Даниелс, воочи изборите во 2016 година, за таа да молчи за секс-аферата со Трамп, која тој ја демантира.
Трамп е првиот поранешен претседател на Америка, кој е осуден за криминал, а дали Худини на националната политика ќе успее магионичарски чудесно да се ослободи од синџирите и повторно да стане претседател на САД како прв осуден криминалец?
Трамп ќе биде на слобода до изрекувањето на пресудата на 11 јули, непосредно пред да ја прифати претседателската номинација на последната конвенција на републиканците во Милвоки, па веднаш прибегна кон агресијата што е карактеристична за неговата нарцисоидна личност.
Како и многупати додека беше критикуван во неговиот мандат и соочен со два обиди за импичмент, за отповик, Трамп се претставува себеси како жртва на прогонот на демократите и на нивното Министерство за правда кое го злоупотребува правниот систем – иако федералните власти немаат ништо да се направи со судењето на областа Менхетен. Тој го прозива њујоршкиот судија како имигрант од Колумбија и го прогласува за „корумпирана и конфликтна“ личност на која никогаш не требало да ѝ се дозволи да го води процесот.
Тој тврди дека е „многу невин човек“ и дека ни Мајка Тереза не би победила во „наместено“ и „срамно“ судење. Бидејќи себеси си додели ореол на „политички затвореник“, сега собира следбеници, најавува жалба и тврди дека пресудата е знак дека Америка отишла по ѓаволите и се претвора во земја од третиот свет. Републиканците се бесни заради „најсрамниот ден во американската историја“.
Дали пресудата ќе му наштети на Трамп или ќе ги наведе неговите поддржувачи уште порешително да го бранат од ударите на „марксистите“ и „најглупавиот претседател што некогаш сме го имале“, како што тој го опишува Бајден? Многу републиканци се уверени дека судењето беше политички мотивирано и уште посигурни се дека ќе гласаат за Трамп. Само малцинство е поколебано.
Трамп навистина е маестро на маркетингот, но како успева да убеди милиони Американци да веруваат во спротивното од она што го гледаат? Како ги создаде политичките зависници? Како спречи каква било дебата во Републиканската партија?
Неговата безобразност почива на теориите на заговор што ги користи за да се претстави како жртва на „лов на вештерки“. Тој се обиде да ги сруши изборите во 2020 година и не се двоумеше да ги охрабри своите поддржувачи да организираат вистински напад на Капитол Хил на 6 јануари 2021 година. Тој шири страв и тоа му успева пред сè, кај белите супрамацисти, кои се неговата гласачка база.
Се служи со лаги и дезинформации. Тој би да одреди што е вистината. Ги измисли „алтернативните факти“! Ги нападна медиумите и сите новинари кои го критикуваат ги прогласи за „непријатели“. Ги менуваше државните секретари како ракавици и ги елиминираше сите ривали внатре во партијата.
Најавената одбрана на Трамп не само што дополнително ќе ја подели и онака веќе остро поларизираната Америка, туку ги инспирира автократите ширум светот кои упорно работат на поделба на западните општества. Владимир Путин или Виктор Орбан веднаш застанаа покрај него и задоволно ги тријат рацете. Од Пекинг е порачано дека осудата на Трамп придонесува за „фарсичната природа“ на ноемвриските избори.
Пресудата не го дисквалификува Трамп да се кандидира за Белата куќа дури и доколку му биде пресудена затворска казна, бидејќи Уставот на САД не им забранува на осудените за криминални дела да бидат избрани за претседател, дури и ако се зад решетки. Татковците основачи таа одлука ја оставија на гласачите.
Трамп сега е осуденик што ја чека пресудата, но тоа не е крајот на неговите проблеми со правдата. Го очекуваат уште три кривични процеси. Врховниот суд наскоро треба да одлучи дали пред ноември ќе се одржи судење во Џорџија каде тој е обвинет за непризнавање на резултатите од изборите во 2020 година и за поттикнување немири на Капитол Хил. Во Флорида, тој е соочен со две федерални обвиненија дека во својот имот во Мар-а-Лаго незаконски чувал доверливи документи што ги изнел од Белата куќа.
Демократска Америка слави дека никој не е над законот. Бајден, неочекувано директно, ги опиша реакциите на Трамп како „непромислени, опасни и неодговорни“. „Нашиот правен систем трае речиси 250 години и буквално е камен-темелник на Америка“, рече шефот на Белата куќа. Трамп најавува дека ќе ја засили кампањата на реваншизам и на „исцедување на вашингтонското мочуриште“. Битката пред претседателските избори ќе биде безмилосна.
Еден чин од драмата заврши со одлука на поротата на Менхетен. Финалниот ќе биде завршен со одлуката на гласачите на 5 ноември. Трамп очекува тоа ќе биде „вистинската пресуда“. Други се плашат дека неговиот втор мандат ќе внесе неискажлива доза на хаос, можеби дури и насилство во животот на Америка и ќе има непрегледни последици по целиот свет.
На Американците им останува на изборите да одлучат дали сакаат еден осуден криминалец за претседател.
Во каков свет живееме? Со генерации Америка се претставуваше како бастион на демократијата, слободата на говорот и човековите права. Во што сега се претвора демократијата на водечката сила на слободниот свет? Пред десет години беше тешко да се замисли дека некој осуден по 34 основи може да се смета за претседателски кандидат. Денес Трамп можеби е блиску до затвор, но е многу поблиску до Белата куќа. Ако е така, ако дури 67 отсто од гласачите сметаат дека пресудата против Трамп воопшто не влијае на нивните уверувања, тогаш американската демократија заболела и што е уште поопасно – нема здравствено осигурување.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот