Традиционалните баркодови одат во историјата

Црно-белиот баркод со пруги, кој стана незаменлив во продавниците ширум светот во последните 50 години, наскоро може да стане минато. Глобалната организација GS1, која управува со стандардите за баркодови, најави дека новата технологија QR код ќе биде подготвена за универзална употреба во следните две години.

Новата генерација на шифри носи голем број на предности, вклучувајќи ја и можноста за складирање на информации како датуми на истекување, состојки, алергени, цени, па дури и упатства за рециклирање. Според GS1, ова значи „збогум на застарените баркодови“.

Пионери на новата технологија

Британскиот малопродажен гигант Tesco веќе ги користи новите QR-кодови на одредени производи, додека пилот-проектите покажаа дека отпадот од расиплива храна, како што е пилешкото, може значително да се намали благодарение на динамичното следење на истекувањето и поефективните попусти. Слично на тоа, австралискиот синџир супермаркети Woolworths пријавил намалување на отпадот од храна до 40% на одредени локации, пренесува N1.

Coca-Cola ја користи оваа технологија во Латинска Америка за да ги следи шишињата за повеќекратна употреба, овозможувајќи прецизно броење на враќањето пред рециклирање.

Предности и предизвици

QR-кодовите им овозможуваат на клиентите брз пристап до детални информации за производот, како на пример како да рециклираат батерии, облека или градежни материјали. Сепак, нивната сложеност бара повеќе ресурси за складирање на податоци на облакот, што би можело да ги зголеми емисиите на јаглерод диоксид.

Сепак, традиционалните баркодови нема веднаш да исчезнат. Експертите веруваат дека тие ќе се користат на производи за кои не се потребни дополнителни податоци, како свеќи, додека QR кодовите ќе бидат покорисни за расиплива стока.

Прилагодување на продавници и потрошувачи

Скоро половина од трговците на мало во Обединетото Кралство веќе ја надградиле својата технологија за наплата за да ги поддржат новите QR-кодови, при што поголемиот дел од преостанатите трговци се очекува да го сторат тоа во текот на следната година. Ен Годфри, извршен директор на GS1 ОК, рече: „Пандемијата ја забрза оваа транзиција. За време на Ковид, луѓето се навикнаа да користат QR-кодови за пристап до менијата на рестораните“.

Сепак, Стивен Гибонс од компанијата за електронско читање нагласува дека баркодовите сè уште играат клучна улога во складирањето и производството.

Сигурност на QR кодовите

Една од предностите на QR кодовите е нивната отпорност на оштетување. Информациите се дистрибуираат на повеќе места во рамките на сликата, па дури и ако пакувањето е стуткано, скенерите можат да ги читаат податоците. Од друга страна, баркодовите ја губат функционалноста доколку им недостасува само една линија.

Претседателот на GS1, Renaud de Barbuat, најави амбициозен план: „Нашата цел е до крајот на 2027 година сите малопродажни системи да бидат подготвени да ги користат новите кодови“.

Новата генерација на QR кодови ветува револуција во следењето и управувањето со производите, но нивната имплементација ќе бара време и инвестиции. Традиционалните баркодови, иако полека исчезнуваат во историјата, сепак ќе го задржат своето место на одредени сегменти на пазарот, пишува Гардијан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот