Панче Тошковски -министер за внатрешни работи / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Тошковски со стара изрека за состојбата во земјава по пожарот во Трубарево: „Каде и да копнеш е труло“

„Доколку сакате да се лажеме дека која било влада и кои било луѓе, коишто ќе бидат ставени да менаџираат одредени ресори по 35-годишно уништување на системот, за 15 месеци ќе го воскреснат, мислам дека е малку, не малку, туку малку повеќе нереално“.

Ова го изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, прашан зошто Владата изјавува дека дозволата за објектот за електронски отпад во Трубарево, кој изгоре во саботата, била издадена од претходната влада кога актуелната влада, во март, по пожарот во Кочани, соопшти дека одлучила „да се изврши контрола на сите издадени лиценци од страна на сите министерства и сите институции кои издаваат лиценци од кој било тип“, објави порталот „360 степени“.

„Пак ќе повторам, налудничаво е да веруваме дека за 15 месеци во оваа држава ќе живееме во мир, ренесанса и со, како да кажам, европски параметри ќе ги уживаме правата и слободите на Европската унија. Тоа е налудничаво. Државава е уништувана 35 години, во сите сегменти и во сите параметри. Имам една позната изрека што ја користам, таа не е моја, таа изрека е на, претпоставувам, многу постари и поумни луѓе од мене: ‘Каде и да копнеш е труло’. И сега вие ако очекувате дека ние за 15 месеци сето тоа ќе го разрешиме и сѐ ќе ставиме да биде во ред, тоа навистина, се извинувам, малце е невозможно“, рече Тошковски.

Министерот додаде дека по Кочани неспорно е оти се одземени голем број лиценци, поврзани со угостителски објекти, но и лиценци поврзани со градежните фирми и оти институциите треба да бидат максимално фокусирани.

Во однос на причините за пожарот и евентуално одговорните, министерот Тошковски изјави оти во оваа фаза не би сакал да споделува детали и оти досега приведените четири лица имаат сопственичка, управителска и менаџерска функција и дека се осомничени за незаконитости од аспект на чување, складирање и одредени права и обврски кои правното лице ги има согласно закон и лиценцата за менаџирање со ваков тип отпад, се вели во текстот на „360 степени“.

Тошковски ќе магистрира додека е министер, на тема од неговиот ресор – и во тоа не гледа проблем

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот