
Расте бројот на загинати во трагедијата во Кочани, досега 59 – потерница за четворица осомничени
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека МВР ги обезбедува болниците и дека ќе се извршат разговори со сите контактибилни лица околу синоќешната трагедија во Кочани, каде во пожар во дискотека загинаа десетици млади луѓе.
Препорачано
Полицијата веќе разговарала со десетина луѓе кои се во болниците во Скопје и со еден од членовите на бендот „ДНК“, информира Тошковски. Централна потерница е распишана за четворица осомничени. Тошковски вели дека од Министерството за економија се обезбедува документација за дискотеката. Ќе се испитува градежно-техничката документација, условите што треба да ги исполнува еден објект за да добие лиценца, како се постапувало за време на настанот итн.
-До 11 и 30 часот, починати се 59 лица, од нив 35 се идентификувани. Од идентификуваните, 31 е од Кочани, а четворица од Штип. Бројот на повредени е 155 лица. Тие се во повеќе болници во државата. Уште еднаш сакам да изразам искрено сочувство до семејствата на починатите во пожарот, во кој животот го загуби и еден полициски службеник од полициска станица Пробиштип, кој постапувал по претходно утврден план за дрога и присуство на малолетници во предметната дискотека. Началникот на СВР Штип ми кажа дека полицаецот требало да биде награден за најдобар полицаец на територијата на СВР Штип. За жал, тоа одликување ќе биде постхумно, рече Тошковски.
На прашањето дали дискотеката имала сертификат за управување со пиротехнички материјали, кој го издава МВР, Тошковски не одговори, велејќи дека не сака да ја загрози истрагата која е во тек.