Фото: Принтскрин, Ројтерс

Токсичен рударски отпад го загрозува здравјето на учениците во кумановско Лојане

Тешката миризба од депонија оддалечена околу 100 метри од училиште каде учат и играат 400 деца во село Лојане, кумановско дава навестување за тони токсичен отпат и арсен оксид.

Секогаш им велам на моите ученици да не се приближуваат до оваа депонија, изјави за Ројтерс Африм Зимбери, наставник по географија во училиштето.

Рудникот за хром и антимон во селото Лојане бил затворен во 1979 година, а отпадот бил оставен на отворено, загадувајќи го земјиштето и подземните водоводи.

Ја повикувам Владата, ве молам да направи нешто, многу е опасно да се одржува настава овде, вели Зимбери.

Од Владата велат дека прават се што можат за да се продаде отпадот, како и да ја оградат зоната.

Според Светската здравствена организација арсенот е една од 10-те хемикалии кои предизвикуваат голема грижа за јавното здравје. Се вели дека долготрајната изложеност од вода за пиење и храна може да предизвика рак.

Фото: Принтскрин, Ројтерс

Според извештајот од 2007 година од Програмата за развој на Обединетите нации, на депониите во и близу селото имало милиони тони отпад, што содржи токсични концентрации на арсен, антимон и други опасни материи. Податоците не се обновени.

Околу 5.000 тони се на само неколку метри од железничката линија каде меѓународните возови одат од Грција преку Северна Македонија и кон остатокот од Европа.

Во Северна Македонија идентификувани се 16 локации со опасен индустриски отпад.

Во време кога државата била дел од поранешан Југославија, малку или речиси воопшто не се обрнувало внимание на тоа дали отпадот е штетен по здравјето на луѓето. Но, сега бидејќи има за цел да се приклучи кон ЕУ,  државата мора да направи многу повеќе за да ја исчисти почвата.

Лендита Дика, од владината канцеларија за управување со индустриско загадување и ризик, вели дека отпадот од арсен не е отстранет бидејќи чекаат да го купат инвеститори.

Таа вели дека турска компанија се повлекла од договорот во 2022 година поради недостаток на економски интерес, но наскоро ќе биде отворен нов тендер штом ќе се обнови побарувачката.

Во меѓувреме, Владата планира да ја блокира областа.

„Во 2023 година ќе направиме краткорочно решение и ќе поставиме ограда за да ги спречиме луѓето и учениците да влезат во зоната“, изјави Дика.

Нема веродостојни податоци за ефектите врз здравјето на луѓето, но во извештајот од 2007 година се вели дека концентрацијата на арсен во почвата и водата е до 50 пати повисока од дозволените меѓународни стандарди.

„Владата веднаш да ја изолира областа, а потоа да преземе мерки и да даде инструкции да не се користи водата од бунарите за пиење“, вели Трајче Стафилов, професор на државниот Природно математички факултет во Скопје.

Сместено на половина километар од границата со Србија, мнозинството луѓе во селото ја користат водата од бунарите за пиење или за земјоделство.

Пензионерот Фатмир Селмани се надева оти филтер бокалот обезбедува одредена заштита додека вади вода од бунарот во близина на неговата куќа.

„Водата има подобар вкус кога поминува низ овој филтер отколку без да се филтрира“, рече Селмани.

Извор: Ројтерс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот