
Точката за зголемување на минималецот не е на дневен ред, но ако има аргументи можна е дискусија
Доколку се разговара само за новите просечни кошнички, тогаш овој ЕСС ќе биде промашен, смета претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. Економијата е кревка, а малите и средни претпријатија тешко ќе издржат нови трошоци за зголемените плати, рече Владанка Трајковска од ОРМ
Денес на седницата на Економско-социјалниот совет, Владата има можност да покаже дека има слух за работниците, но жалосно е што на дневниот ред ја нема точката за зголемување на платите, посочи Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, пред почетокот на седницата во Владата. Тој посочи дека ќе побараат оваа точка да биде ставена прва за расправа, но доколку се разговара само за новите просечни кошнички, тогаш овој ЕСС ќе биде промашен.
Препорачано
-Имајќи предвид дека растат трошоците и инфлацијата, минималната плата може уште денес да се зголеми на 500 евра, а следствено да пораснат и другите плати. Она што нас како синдикати не загрижува е фактот дека по распишувањето на изборите ќе нема мпожност да разговара ниту за зголемени плати, ниту за социјалниот дијалог, се додека не завршат изборите и во последната изборна едницаи, а тоа може да се случи најрано во декември, што значи дека оваа година ќе нема вонредно зголемување на минималецот – рече Трендафилов, повторувајќи дека пратениците имаат можност да донесат итни измени на Законот за минимална плата и да овозможат таа да стане 500 евра.
Потврдувајќи дека на денешната седница на ЕСС не е предвидено да се дискутира за вонредно зголемување на минималцеот, Владанка Трајковска, претседателка на Организацијата на работодавачите, сепак остави простор доколку има расположение да се дискутира со аргументи, докази и стратегии, дека тоа прашање може да се начне за да се види кој е во право – синдикатите или работодавачите.
-Економијата ни е со намалена продуктивност, со намалена работна активност, а тоа се идникатори за економскиот развој. Прашањето за ново зголемување на минималецот е особено важно за малите и средни претпријатија, кои нема да може да ги издржат новите трошоци. И сега оние работници кои се вредни и работливи, веќе се наградени со повисоки плати и затоа треба да ги соочиме аргументите. Ако е предвиден раст од 1 отсто во ЕУ, а САД воведува царини, во наредниот период треба да бидеме многу внимателни – истакна Трајковска.
Прашан со какви барања ќе истапат пред ЕСС, Благоја Ралповски, претседател на КСС, порача дека нема синдикат во земјава, кој не сака поголема плата за работниците. Од него и ставот дека ако се отвори прашање за зголемувањето на минималцеот со аргументи, секако дека ССМ ќе има поддршка од нив.
-Секое зголемување треба да се одвива без потреси во економијата, оти џабе ни се повисоки плати, ако се зголеми инфлацијата. Пред две години како синдикат, бевме оштететени зошто не бевме потписиници на Општиот колективен договор, па затоа ќе побараме одговор што се случи со админстративците на кои не им беше покачена плата, каде е застанат тој проект и дали некој го опструира – истакна Ралповски.
Марјан Ристески, претседател на КСОМ, пак оцени дека со оглед на фактот дека сега има два репрезентативни синдикати, социјалниот дијалог ќе биде поквалитетен.
-Ќе видиме со кои аргументи и факти ќе излезе Владата, а по седницата ќе имаме повеќе информации. Се надевам дека ќе најдеме некој заеднички јазик за да се зголемат одредени плати. Онаму каде што имаме наши синдакални организации делуваме во рамките на нашите можности, преговараме за покачување на платата во Железници, во Управата за водење на матични книги. За жал од нестатутарни причини досега не можевме да бидеме реперезентативни, а цели наши синдикати со илјадници членови беа преземани и ова сакаме да го отвориме на ЕСС. Се надевам дека Владата ќе образложи зошто оди со 5, а не со 1 потрошувачка кошнишка. За мене не е важно ако лицитираме колкав да биде минималецот, туку да нема инфлација – рече Ристески.
Мицкоски: Различните мислења не се причина да нема добар социјален дијалог
На Владата и е јасна сликата за реалната состојба во која живеат граѓаните, а сите се свесни за предизвиците, како и дека стандардот не може да се промени преку ноќ, рече премиерот Христијан Мицкоски отворајќи ја седницата на ЕСС во Владата.
-Сигурен сум дека ќе донесеме добри решенија, иако има различни мислења меѓу Владата и дел од синдикатите. Тоа не е причина да немаме добар социјален дијалог, напротив тој дијалог може да биде поискрен и подобар. Кога постои волја, тогаш постои и пат, а волјата овде ја има од сите социјални партнери. Платите пораснаа за 11 отсто, повисоки плати веќе добија во полицијата и во образованието. Остваривме четврти најголем раст на БДП во првиот квартал. Резултатите зборуваат сами за себе. Индустриското производство порасна и тоа не случајност, туку добро промислени чекори. Ивестициониот циклус почна, а дополнителни 250 милиони евра се влеваат во општините. Секој потрошен денар од граѓаните мора да се врати назад, а за прв пат имаме намалување на јавниот долг за 4,7 процвентни поени или 36 милиони евра. Во суштина оваа Влада покажува дека економијата може да се води со искрен дијалог и без празни флоскули- додаде Мицкоски.