
ТОАРИЛУЦ го пратиле во Обвинителството извештајот за формалдехидот измерен во операционите сали
Клиниката за ТОАРИЛУЦ реагира на текстот објавен во „Слободен печат“ со наслов „ТОАРИЛУЦ го потцени јавниот интерес: Колкаво ниво на формалдехид е измерено во салите?“. Оттаму велат дека извештајот за измерените нивоа на формалдехид не можеле да го достават до нашата редакција откако го побаравме преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер – затоа што му го предале на Обвинителството!
Препорачано
Во однос на прашањето по слободен пристап упатено до нашата Клиника од Мирослава Симоновска потенцираме дека во моментов Клиниката нема дозвола од Лабораторијата која го изработила овој извештај истиот да го споделува, зашто на тој начин би се прекршиле законските процедури. За таа цел, а ставајќи го јавниот интерес пред сè, на вашиот медиум му беше понудено разговор во врска со темата со цел сеопфатно да биде информирана за констатираната состојба од една страна и преземените мерки од новото раководство на Клиниката од друга страна. Истовремено, потенцираме дека целокупната документација е во Јавно обвинителство и оттука доставување извештаи поврзани со оформениот предмет значат прекршување на законските процедури, со оглед дека веќе е оформен предмет во Јавно обвинителство, велат оттаму во својата реакција.
Во неа се додава дека „новото раководство на Клиниката за ТОАРИЛУЦ во однос на констатираната состојба ги презема сите неопходни мерки и воведе континуирани мерења на квалитетот на воздухот во интерес на безбедноста за пациентите и здравствените работници и сите досегашни мерења покажаа уредни параметри во овој сегмент, односно во хируршките сали на ТОАРИЛУЦ нема присуство на формалдрхид“.
– Остануваме отворени за соработка за информациите кои ги поседува ТОАРИЛУЦ, а кои се исклучиво согласно законските процедури – велат оттаму.
„Слободен печат“ вложи жалба до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер поради тоа што Клиниката одбива да ни даде фотокопија од извештај за извршените мерења на формалдехид во операционите сали.
ТОАРИЛУЦ го потцени јавниот интерес: Колкаво ниво на формалдехид е измерено во салите?