
„Тоа е саботажа“: Германија за прекинот во подводните кабли во Балтичкото Море
Двата оптички комуникациски кабли под Балтичко Море се прекинати како резултат на саботажа, изјави денеска германскиот министер за одбрана Борис Писториус, пренесува „Политико“.
Препорачано
„Никој не верува дека овие кабли се случајно прекинати“, изјави Писториус во Брисел, кој сепак призна дека иако ситуацијата изгледа како чин на саботажа, за тоа засега нема докази.
Кабелот за пренос на податоци спроведен под Балтичкото Море, кој ги поврзува Финска и Германија, вчера беше прекинат, а причината за прекинот се истражува, соопштија властите.
Финскиот провајдер на услуги за пренос на податоци кој го контролира државната компанија „Циниа“ соопшти дека е откриен „дефект“ на кабелот Ц-Лион1, кој се протега под морето речиси 1.200 километри – од финската престолнина Хелсинки, до германскиот пристанишен град Росток.
Кабелот бил пуштен во работа во 2016 година, а е единствен фински кабел за пренос на податоци кој оди од таа нордиска земја директно до централна Европа, според финскиот јавен емитер ИЛЕ.
Финските медиуми забележуваат дека трасата на кабелот до Германија минува во близина на двата крака на гасоводот Северен тек меѓу Русија и Германија, кои не функционираат откако и самите беа мета на саботажа во 2022 година. Сторителот никогаш не беше официјално откриен или потврден, но според повеќе новинарски истражувања, за саботирањето на гасоводите, извршено со експлозив, била одговорна Украина.