
Тишина по истрелите: Како Австрија ќе се справи со најцрниот училишен ден?
21-годишен поранешен ученик уби десет луѓе во училиште во Грац, а потоа си го одзеде животот. Австрија прогласи тридневна жалост и ја отвора дебатата за оружјето, училиштата и менталното здравје.
Во вторникот, нешто пред 10 часот наутро, во средно училиште во австрскиот град Грац се слушнаа истрели. Полицијата пристигна за неколку минути и ја евакуираше зградата. Вооружениот напаѓач — поранешен ученик на училиштето, на возраст од 21 година, застрела и уби деветмина ученици и една наставничка, а потоа се самоуби во училишниот тоалет. Повредени се најмалку 11 луѓе, дел од нив тешко.
Препорачано
Според полицијата, напаѓачот дејствувал сам, со легално поседувано оружје. Во неговиот дом е пронајдена проштална порака, но без директно наведен мотив. Според австрискиот весник „Salzburger Nachrichten“, постојат индиции дека бил жртва на врсничко малтретирање. Она што во мометов е дилема за повеќето светски медиуми по настанот е како Австрија ќе се справи со последиците од масакрот но и како планираат властите да го намалат легалното, но и илегалното оружје во земјата.
Дали масакрот можел да се спречи?
„Постои цел спектар на предупредувачки знаци кај младите кои развиваат деструктивни мисли – повлекување, изолираност, фиксација на одмазда. Но, тие често остануваат незабележани“, изјавува проф. д-р Инес Мајер, клинички психолог и експерт за ментално здравје кај адолесценти во Универзитетската клиника Виена.
Таа додава дека Австрија има „солидна, но не и агресивна“ инфраструктура за поддршка на ментално здравје во училиштата и дека е време таа да се зајакне, со повеќе советници, психолози и отворени програми за рано препознавање на проблемите.
Австрија и оружјето: слобода или ризик?
Австрија е една од најтешко вооружените земји во Европа, со околу 30 парчиња огнено оружје на 100 жители, според Small Arms Survey.

Легалното поседување на оружје е широко распространето: револвери и полуавтоматски пушки бараат дозвола, а ловечкото и спортското оружје често се добива преку членство во клуб или дозвола за лов.
Но, по трагедијата, ова прашање повторно се отвора. Канцеларот Штокер најави дека ќе се разгледаат безбедносните протоколи во училиштата, а неофицијално, веќе се зборува за ограничување на пристапот до оружје кај лица под 25 години.
Учениците се прашуваат: Каде е безбедноста?
Во меѓувреме повеќе од 300 ученици беа евакуирани од училиштето, а наставата е суспендирана до крајот на неделата. Според австриските медиуми во моментов има психолошки тимови кои непрекинато работат на терен.
„Ова не е само полициско прашање. Безбедноста е и емотивна состојба. Децата мора да се чувствуваат слушнати, сигурни, не само физички заштитени“, вели Маг. Бригита Линц, советничка во Федералното министерство за образование.
Австрискиот одговор: прагматизам наместо политички хаос
Иако трагедијата ја потресе јавноста, не се забележуваат обиди за политичка инструментализација. Нема повици за оставки, блокади или драматични гестови.
„Австрија ретко дозволува криза да се претвори во хаос. За жал, трагедиите се дел и од стабилните општества, но она што ги разликува е одговорот. Кај нас, тој е тивок, дисциплиниран и рационален“, изјави за ORF политикологот д-р Петер Блау.
Прагматичниот одговор не значи рамнодушност напротив, тој покажува зрелост на едно општество што не дозволува болката да се претвори во политичка валканица, пишува српска Политика.