Тетовци револтирани: Наместо Касами да решава комунални проблеми, ќе преименува училишта

Наместо да се зафати со реконструкција на улиците кои се во очајна состојба, или со решавање на комуналните проблеми кои со години ги измачуваат тетовци, локалната власт промените на подобро кои ги ветуваше ги започнува од имињата на училиштата во градот, се пожали Јованка од Тетово, испраќајќи допис до редакцијата на „Слободен печат“.

Вели, немаат ништо против големите албански дејци кои се заслужни да се споменуваат, но не по цена да се преименува на пример училиште кое е именувано по националниот празник на Македонија, 8 Септември. 

– Општинската власт ќе ги менува имињата на училиштата. Откако градоначалникот Билал Касами ја презеде градоначалничката функција очекувавме дека ќе почне да ги решава комуналните и инфраструктурните проблеми на тетовци, без разлика на националноста, но тој одлучи да си обезбеди симпатии кај дел од албанското население со играње на националната карта. Улиците се во катастрофална состојба, раскопани и со дупки, проблемот со отпадот се` уште не е решен, имаме проблем и со водоснабдувањето, но по се изгледа локалната власт приоритетот го препозна во преименување на имињата на училиштата, вели Јованка.

Преименувањето на училиштата се однесува на средното текстилно училиште „Ѓоце Стојчевски“ кое би требало да го носи името на Идриз Ибраими, албански кројач од Тетово и раководител на организацијата „БЕСА“. ОУ „Кирил и Методиј“ ќе се преименува во „Мехмед Риза Муртезани- Гега“, основното училиште „Гоце Делчев“ ќе се преименува во „Скендербег“, гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ ќе го добие името „Шаип Камбери“, а музичкото училиште „Тодор Скаловски Тетоец“ ќе се преименува во „Гани Јахја“. Економското училиште „8 Септември“ ќе се преименува во „Халим Дерала“, а земјоделското училиште „Моша Пијаде“ во „Таџар Тетова“.

Од Општина Тетово кратко одговорија дека за да се променат имињата на училиштата потребно е да се изгласа предлогот со мнозинство гласови.

– Процедурите за вакви измени се јасни, ваквите одлуки потребно е да поминат на Совет на општината, за што се потребни мнозинство гласови. Досега ова прашање не било на дневен ред на Советот на општина Тетово, ниту е разговарано за вакви измени, кратко одговирија од Општина Тетово.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот