Инфографик: Слободен печат / Елисавета Бејкова

Тетовци јадат најскап грав и јаболка, а скопјани плаќаат најскапо телешко месо

Жителите на Тетово се неславни македонски рекордери по скапотијата на белото зрно – бидејќи за еден килограм грав плаќаат дури 500 денари, што е дури трипати повеќе од што плаќаат граѓаните на Штип за истиот производ – 144 денари. Тетово држи уште еден неславен рекорд, бидејќи тамошните жители ги плаќаат јаболката по цена од 150 денари за килограм, или тројно поскапо од цената на кумановскиот пазар – каде што ова овошје чини само 55 денари за килограм

Фрапантни разлики имаат цените на храната во неколку поголеми македонски градови, покажува анализата на Државниот завод за статистика за јули. Освен цените на бензините и на струјата, кои се изедначени и важат за целата територија на државата, сите други цени, па дури и оние на лебот, се речиси неспоредливи. Можеби ова и немаше да биде толку забележително, доколку стануваше збор за десетина денари, но нејасно е како некои производи може да имаат толку набилдани цени, кои од град до град се разликуваат и по 500 денари!

Експертите велат дека ова е производ на фактот дека во некои градови во внатрешноста воопшто не постои разгранета трговска мрежа, па граѓаните се оставени да се снабдуваат од една или неколку поголеми продавници и да зависат од малиот број на пазарни денови. Горе-долу по слични цени или со минимални разлики се продаваат солта, шеќерот, маслото за јадење, оцетот и виршлите.
Затоа и паѓа во очи дека жителите на Тетово, градот што беше најпознат по највкусниот бел грав, сега се неславни македонски рекордери по скапотијата на белото зрно – бидејќи за еден килограм плаќаат дури 500 денари! Ценовниот статистички информатор покажува дека оваа цена е дури трипати повисока од онаа што ја плаќаат граѓаните на Штип за истиот производ – 144 денари за килограм, а повеќе од двојно е повисока од просечните цени во земјава – 222 денари за килограм. Од друга страна, Скопје го држи рекордот за цената на телешкото месо со коски – 977 денари за килограм, или трипати повеќе од цената на истиот вид месо што се продава во Штип – 379 денари за килограм!

И додека во Велес ваквиот вид месо воопшто го нема во месарниците, втор по скапотија е Куманово, каде што граѓаните плаќале 554 денари за килограм. Тетово држи уште еден неславен рекорд и покрај фактот дека некогаш се гордееше со јаболковите насади, но тамошните жители сега ги плаќаат јаболката по цена од 150 денари за килограм, или тројно поскапо од цената на кумановскиот пазар – каде што ова овошје чини само 55 денари за килограм.

Горе-долу цената на свинското месо има пристојна разлика од 50 до 100 денари за килограм, но најевтино се продава во Штип (304 денари), а најскапо во Струмица (412 денари) за килограм. Највисоки цени за 100 грама млечно чоколадо нудат маркетите во Битола – 118 денари, додека во Куманово истиот производ може да најде за 74 денари. Во туристичкиот Охрид пивото е најскапо и чини 110 денари за половина литар, додека истиот производ во Струмица може да најде и за 82 денари. Најскапо кафе се пие во Штип, бидејќи за сто грама треба да се издвојат 97,9 денари, додека во Струмица истиот производ чини само 63 денари. Најскап путер мачкаат штипјани, кои за пакување од 250 грама плаќаат над 210 денари, додека во Струмица тој е двојно поевтин и чини само 110 денари. Во Скопје, пак, е најскап лебот од тип 500, кој чини 98 денари за килограм, додека во Охрид чини само 59 денари!

Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачи, за „Слободен печат“ коментира дека скапотијата зема сè поголем замав, а граѓаните се оставени сами на себе, бидејќи Владата реши да ја следи ситуацијата, ама да не презема драстични мерки.

– Подолго време граѓаните се ориентирани само кон акциите и ги бараат најевтините производи за да го протуркаат месецот. Но, сè помалку се внимава на квалитетот, што е логичен тек на намалениот стандард. Идејата за купување домашни производи е добра и ние ја поддржуваме, бидејќи и покрај навиките да им веруваме на брендовите од поранешна ЈУ, ние имаме навистина добар избор на млечни, сувомесни и земјоделски производи, кои се конкурентни со цените – додава Лончар Велкова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот