Александар Даштевски, претседател на ДИК / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Тештата на првиот човек на ДИК Даштевски купила вила на Халкидики, Антикорупциска отвори предмет

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвора предмет за куќата на тештата на актуелниот претседател на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски на Халкидики во Грција, купена пред половина година. Случајот го отвори „360 степени“, а истражувањето покажува дека во процесот на купување на куќата активно учествувал и го заокружил токму Даштевски.

Од Антикорупциска се повикуваат на членот 96 од Законот за спречување на корупцијата, за кој велат дека им дава можност да го проверат случајот. Членот гласи:

„Доколку постојат докази дека член на семејството или блиско лице на службеното лице, се стекнал со значителен имот за време на вршење на јавните овластувања, односно должности на службеното лице, кој ги надминува неговите редовни примања, а постои основано сомневање дека службеното лице со намера да го прикрие потеклото на имотот префрлил имот на тој член на семејството, односно блиско лице, Државната комисија ќе иницира покренување на постапка за испитување на основот на стекнување на имотот на тој член, односно блиско лице“.

Даштевски беше избран за претседател на ДИК во јануари 2021 година, на предлог на ВМРО-ДПМНЕ.

„360 степени“ вчера обелодени дека куќа во местото Елани, на првиот крак на Халкидики, во Грција, од пред половина година се води на име на мајката на сопругата на претседателот на ДИК, Даштевски. 75-годишната пензионерка од Куманово го ополномоштила зетот Даштевски, а не, на пример, некое од своите деца, да ја води и да ја заокружи купопродажбата на имотот од 111 квадратни метри. Дополнително, официјалната вредност на куќата наведена во нотарските акти од 110 илјади евра е најмалку двапати помала од пазарната цена на слични недвижнини во Елани.

Даштевски во писмен одговор испратен непосредно пред емитување на сторијата вели дека не е ниту купувач ниту продавач во договорот, туку полномошник за преземање едно дејствие – подигнување на документацијата. Исто така, тој тврдел дека документите за новинарското истражување се прибавени незаконски. Но, наспроти наводите на Даштевски дека документацијата е прибавена на незаконит начин, од „360 степени“ велат дека до актите стигнале целосно легално, со помош на адвокат од Солун и во согласност со грчките закони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот