Мигрантите на полско-белоруската граница
Фото: EPA-EFE/LEONID SCHEGLOV/ BELTA /

Тензии на полско-белоруската граница – водени топови и солзавец врз мигрантите

 Ситуацијата на полско-белоруската граница, особено во регионот Гродно, каде со денови има стотици мигранти, вчера ескалираше откако група мигранти се обиде да влезе на територијата на Полска, поточно на територијата на Европската унија. Притоа агресивните мигранти, доминантно Ирачани, кои фрлаа камења кон полските сили, наидоа на реакција со водени топови и солзавец. Судирот траеше околу два часа.

Полското Министерство за одбрана соопшти дека мигрантите со камења ги нападнале нивните војници и припадници на полицијата и дека се обидувале да ја уништат оградата и да преминат на нивна територија.

– Нашите војници и офицери совршено ја завршија својата работа. Бранот напади на границата беше запрен, напиша на Твитер портпаролот на полските безбедносни служби Станислав Зарин.

Во ескалацијата на состојбата повредени се полски граничар, војник и полицаец, соопшти Министерството за одбрана во Варшава, кое за насилството ги обвини „младите, агресивни мажи”.

Тензиите вчера попладне се смирија, а во судирите учествуваа повеќе од 2.000 мигранти, кои претходно ги напуштија импровизираните кампови во блиските шуми на белоруска страна и се упатија кон западната полска граница.

Доцна попладнето полската Агенција за гранична стража соопшти дека мигрантите се вратиле назад неколку стотици метри од граничниот премин.

Белоруското Министерство за надворешни работи соопшти дека „Минск иницира истрага за употребата на специјална опрема на полските сили врз мигрантите во вчерашниот инцидент на границата “.

Белорусија во октомври го суспендираше договорот со Европската унија, како и обврската да ги прими назад мигрантите кои влегоа во ЕУ од нејзина територија.

Европската унија ја обвини белоруската администрација за „користење на нерегуларната миграција како средство“ и oти „се обидува да ја дестабилизира ЕУ” со испраќање мигранти до границите на земјите-членки на ЕУ.

Полските власти најавија дека нема да дозволат влез на мигранти во земјата и дека оние кои ќе успеат да влезат ќе бидат вратени во Белорусија. Официјален Минск истовремено ја обвини Полска дека не обезбедува хуман третман на луѓето кои сакаат да мигрираат во Европа.

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко вчера на оваа тема разговараше со својот руски колега и сојузник Владимир Путин. И комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, вчера се вклучи во разрешување на проблемот на границата, повикувајќи го официјален Минск да ја деескалира ситуацијата на полско-белоруската граница и да овозможи „целосен пристап” до хуманитарните групи и медиумите.

– Треба да најдеме начин за деескалација на ситуацијата за да се увериме дека фокусот е навистина на завршување на страдањата, изјави Мијатовиќ за време на посетата на Михалово, полски град во близина на границата со Белорусија.

На хуманитарните групи и на медиумите веќе подолго време им е забранет влез во граничната зона, согласно вонредната состојба што Полска ја воведе во септември како одговор на дотогаш невидениот прилив на мигранти.

– Ситуацијата мора веднаш да се промени за да можеме сите да си ја завршиме работата, рече Мијатовиќ.

Таа додаде дека „тоа што го прави Белорусија и начинот на кој се манипулираат луѓето е апсолутно неприфатливо”.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот