Театрологија: Книгата „Театарски рабови“ од Тодор Кузманов излезе во Хрватска

Книгата „Театарски рабови“ (Kazališni rubovi) на македонскиот театролог и театарски критичар, Тодор Кузманов, деновиве излезе од печат во издание на „Сандорф“ во Загреб, Хрватска.

Во книгата се застапени текстови од делата „Театарски маргини“ (2006 г.), „Театарски сновиденија“ (2018 г.) и „Маркации на новиот театар“ (2020 г.). Изборот на текстовите е на уредникот на изданието Матко Сршен, а преводот на текстовите на хрватски јазик го направи Мирта Јуриљ.

– Се надевам дека оваа книга на хрватските читатели ќе им значи барем еден мал дел од тоа што мене ми значеше кога – заробен од експлозијата на театарски теории, за која пишува Марвин Карлсон – првпат читав некои нејзини делови, една скопска ноќ во 2012 година, кога на мојата теориски вознемирена душа ја почувствував како мелем, како свеж ветер дојден од Вардар во спарна летна ноќ. Нејзиниот едноставен и непретенциозен начин на изложување на нештата пред мене се појави како патоказ, како мерка со која можам да ги совладам сите пречки во теориите и сите нивни експлозии.

Вистинската мера, во текстовите на Тодор Кузманов, но и воопшто, секој читател мора да ја пронајде сам за себе, бидејќи – како што кажува Хамлет – „ништо не е ниту добро, ниту зло, ако вашето мислење не го прави такво“ – посочува уредникот на изданието Матко Сршен, кој е режисер и професор на Факултетот за драмски уметности во Загреб.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 92, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 7-8 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот