
Тбилиси како бојно поле, полицијата со солзавец и водни топови против демонстрантите во Грузија
Улиците на Тбилиси станаа бојно поле. Откако опозицијата ги бојкотираше локалните избори на 4 октомври, десетици илјади луѓе се собраа во центарот на грузиската престолнина за да протестираат против, како што ги нарекоа, „репресивните политики“ на владејачката партија Грузиски сон.
Препорачано
Полицијата одговори брутално – со солзавец, водни топови и бибер-спреј, додека снимките од центарот на градот ги прикажуваат демонстрантите зад запалени барикади, носејќи грузиски и украински знамиња.
Владата на премиерот Иракли Кобахиѕе тврдеше дека демонстрациите биле обид за државен удар, додека обвинителите поднесоа обвиненија против петмина опозициски лидери за „обид за соборување на уставниот поредок“.
Според властите, група демонстранти се обиделе да „упаднат во претседателската палата“ и „насилно да ги преземат институциите“.
Наводи за тероризам и „странски агенти“
Еден ден по судирите, грузиската безбедносна служба објави дека пронашла скриено оружје и експлозиви во шума во близина на Тбилиси, тврдејќи дека тие биле материјали за „саботажа“ за време на протестите.
Како и во многу слични случаи во регионот, властите се обидоа да создадат наратив за странски инструктори и украинска врска, обвинувајќи неименуван грузиски борец во украинската армија дека го предводел заговорот.
Премиерот Кобахиѕе отиде чекор понатаму, велејќи дека неговата влада „целосно ќе ги неутрализира странските агенти“ и ги обвини европските дипломати за „намерно дестабилизирање на Грузија“.
Брисел веднаш реагираше, а Европската Унија ја осуди полициската бруталност и предупреди дека „репресивните политики на властите драстично ја намалуваат можноста за фер избори“, објавува Евроњуз.
Грузиски сон, руски пат
Владејачката партија Грузиски сон, која многумина ја сметаат за продолжена рака на олигархот Бидзина Иванишвили, веќе една година отворено води кампања против Европската Унија, иако јавно тврди дека „Грузија останува на европскиот пат“. Минатата година, владата ги замрзна преговорите за пристапување во ЕУ, обвинувајќи го Брисел за „уцена и манипулација“.
И покрај ова, проевропското расположение на граѓаните не стивнува. Протестите, кои се одржуваат речиси континуирано од ноември минатата година, сведочат за фрустрацијата на луѓето кои гледаат дека земјата полека се врти кон Москва, додека владата реагира сè поостро на секоја критика.
Сличности со Србија: Исти модели на репресија
Моделот на владеење што го спроведува Тбилиси впечатливо потсетува на она што се гледа во Србија со години. И таму и тука, владата го користи патриотизмот како оружје, прогласувајќи ја опозицијата за „предавници“, а секое граѓанско востание за „државен удар“, пишува Nova.rs.

Во Белград, како и во Тбилиси, полицијата брутално ги растерува протестите, додека државните медиуми ги етикетираат учесниците како странски платеници. Во двата случаи, владата повикува на „стабилност“ и „зачувување на традиционалните вредности“, додека во пракса ги гази основните демократски права – слобода на собирање, изразување и фер избори.
Европа реагира, режимот се прави глув
Европската Унија, во својата изјава, потпишана од Каја Калас и Марта Кос, јасно стави до знаење дека Грузија „ги крши основните човекови права“ и повика на ослободување на сите „произволно приведени“.
„Ги повикуваме властите да покажат воздржаност и да го почитуваат правото на граѓаните на мирно собирање“, се вели во соопштението.
Но, владата во Тбилиси, како и многу други во регионот, не обрнува многу внимание на овие пораки. Премиерот Кобахиѕе, видливо нервозен, рече дека е „подготвен да заборави сè“ и „да почне одново“ – што аналитичарите го оценија како празна реторика што крие континуирано репресирање на опозицијата.