Илустрација / Фото: pexels-jonathanborba

Тауринот под лупа: Нова студија ја доведува во прашање неговата улога во забавувањето на стареењето

Тауринот е аминосулфонска киселина која често се класифицира меѓу аминокиселините, иако технички не е една од нив бидејќи не учествува директно во синтезата на протеини. Сепак, игра важна улога во бројни физиолошки процеси во телото. Се создава природно во телото – во црниот дроб, од други аминокиселини (метионин и цистеин), а во последниве години е во фокусот на многумина кои сакаат да го забават стареењето.

Овие наоди ја поттикнаа идејата дека суплементацијата со таурин може да биде ветувачка и за луѓето. Сепак, нова студија објавена во списанието „Наука“ покренува сериозни прашања за вистинската врска помеѓу тауринот и процесот на стареење, објавува „Лајв саенс“ (Live Science).

Во истражувањето, научниците ги мереа нивоата на таурин во крвта на три групи луѓе од различни возрасти, како и во крвта на возрасни мајмуни и глувци. Иако некои претходни истражувања сугерираа дека нивоата на таурин се намалуваат со возраста – што би можело да објасни зошто суплементацијата подобрува одредени маркери на стареење и го продолжува животниот век кај лабораториските животни – новото истражување ги доведува во прашање тие тврдења.

Голем дел од претходните студии беа таканаречени напречни, што значи дека научниците набљудувале различни лица од различни возрасти во еден момент, наместо да ги следат истите лица со текот на времето. Таквиот пристап често носи контрадикторни резултати – некои студии покажале намалување, некои зголемување, а некои стабилно ниво на таурин со возраста.

Затоа новата студија вклучуваше и напречни и лонгитудинални податоци, следејќи ги нивоата на таурин кај истите лица и животни со текот на времето. Тауринот не се намалува со возраста – напротив, во повеќето случаи неговото ниво се зголемува или останува стабилно.

Покрај тоа, индивидуалните разлики во концентрацијата на таурин се многу поголеми од промените што се случуваат за време на стареењето, истакна коавторката на студијата д-р Марија Емилија Фернандес од Американскиот национален институт за стареење.

„Значи, нискиот таурин веројатно не е добар биомаркер за стареење“, рекла таа.

„Главната порака е дека намалувањето на тауринот не е универзална карактеристика на стареењето“, рекол професорот по физиологија Џозеф Баур од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Пенсилванија, кој не учествуваше во истражувањето.

Сепак, Баур додава дека тауринот сè уште може да биде поврзан со одредени телесни промени што доаѓаат со возраста и дека потенцијалот на суплементацијата вреди понатамошно истражување – бидејќи некои студии покажаа позитивни ефекти, вклучително и продолжување на животниот век кај глувците. Но, новата студија не дава доволно силен аргумент ниту за ниту против терапевтската вредност на тауринот.

Многу непознати и површно разбирање

Оваа студија користеше податоци од повеќе од 740 учесници од Студијата за стареење во Балтимор, на возраст од 26 до 100 години, како и податоци од други европски и американски студии. Анализирани беа и примероци од крв од резус макаки (мајмуни) и глувци, опфаќајќи ги животните фази од пубертет до старост.

Во скоро сите групи, нивоата на таурин се зголемија со текот на годините. Единствени исклучоци беа машките глувци и мажите од американска група, чии нивоа останаа стабилни – но и ова е неконзистентно со идејата дека тауринот автоматски се намалува со возраста.

Истражувачите се обидоа да пронајдат врска помеѓу нивоата на таурин и промените во здравјето (на пр., мускулната сила), но резултатите беа „неконзистентни во рамките на и помеѓу групите“, што дополнително ја поткопува теоријата дека нискиот таурин предизвикува промени поврзани со возраста.

Студијата не ги опфати сите аспекти. На пример, студија од 2023 година откри дека суплементацијата со таурин кај глувци на средна возраст го подобрила метаболизмот на шеќерот и го намалила оштетувањето на ДНК – но новата студија не навлегла во тие домени.

Работата е дополнително комплицирана од фактот дека концентрацијата на таурин во телото значително варира во зависност од здравствената состојба.

Луѓето со прекумерна тежина, на пример, имаат пониски нивоа на таурин во споредба со луѓето со здрава тежина – но кај екстремна дебелина, тауринот нагло се зголемува. Тауринот се зголемува кај леукемија, додека се намалува кај рак на дојка.

Во основа, тауринот има бројни улоги во здравиот организам: тој е составен дел од жолчните соли кои ги разградуваат мастите, помага во борбата против оксидативниот стрес и учествува во производството на протеини во митохондриите – енергетските центри на клетките.

Тауринот не е магична формула

Со оглед на сето погоре наведено, дали тауринот може да се смета за индикатор за нешто?

„Краткиот одговор е – не. Тоа не е сигурен биомаркер за ништо – засега. Пред да можеме да го користиме како маркер, треба да ги разбереме основните механизми“, рекол д-р Рафаел де Кабо.

Иако научниците сè уште веруваат дека тауринот вреди понатамошно проучување, во моментов нема клинички докази што го оправдуваат земањето таурин како додаток против стареење. Се спроведува клиничко испитување предводено од д-р Виџај Јадав од Њу Џерси, но резултатите сè уште се во тек.

Коавтор на новата студија, д-р Луиџи Феручи, изјави дека разликите меѓу студиите треба детално да се анализираат.

„Можно е зад овие разлики да се кријат важни механизми на стареење што би можеле да станат цели за нови терапии“, рекол тој.

И покрај ова, има сè повеќе луѓе кои, врз основа на површно знаење, земаат таурин мислејќи дека ќе го „биохакираат“ своето тело. Нова студија покажува дека прашањето е многу посложено – и дека овој тренд бара многу повеќе научни докази и многу помалку сензационализам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот