
Таткото на Илон Маск сексуално ги злоупотребувал своите деца, тврди „Њујорк тајмс“ во шокантен напис
Американскиот весник „Њујорк тајмс“ објави шокантни обвиненија против Ерол Маск, таткото на светски познатиот претприемач Илон Маск, според кои тој во минатото сексуално злоставувал своите деца.
Препорачано
Весникот наведува дека ваквите тврдења можат да бидат причината зошто Илон Маск ретко зборува за својот татко, а и кога тоа го правел – најчесто немал убави зборови за него.
Според судски документи, лична преписка, извештаи на социјални служби и интервјуа со членови на семејството, најраните обвинувања датираат од 1993 година. Тогаш четиригодишната поќерка, наводно, им раскажала на роднини дека Ерол Маск недолично ја допирал во семејната куќа. Десетина години подоцна, истата пасторка изјавила дека го затекнала како мириса нејзина долна облека. Други членови на семејството, пак, го обвиниле дека сексуално злоставувал две свои ќерки и еден посинок.
Врз основа на тие пријави биле отворени три одвоени истраги. Две од нив завршиле без понатамошна постапка, додека за третата не е јасно каков бил исходот.
Ерол Маск целосно ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги „бесмислици“ и „лаги“. Тој ги обвини своите роднини дека ги тераат децата да шират невистини и дека со тоа се обидуваат да изнудат пари од син му Илон.
„Нема никакви докази, затоа што тоа се чисти измислици“, изјавил Ерол за „Њујорк тајмс“.
Илон Маск досега повеќе пати зборуваше за тешкиот однос со својот татко. Во интервју за „Ролинг стоун“ во 2017 година, тој рече дека Ерол го направил „речиси секое зло што можете да го замислите“. Маск се присети дека како десетгодишно дете решил да се пресели кај татко му за да не биде осамен, но брзо сфатил дека тоа „не била добра идеја“.
„Мојот татко секогаш ќе има внимателно смислен план за зло“, изјави тогаш Илон Маск.