
Татјана Димитровска да си даде оставка како прва антикорупционерка или Собранието да ја разреши, смета Билјана Ивановска
Претседателката на Антикорупциската комисија Татјана Димитровска треба да си даде оставка или Собранието да ја разреши, смета нејзината претходничка на функцијата, претседателката на ДКСК од минатиот состав Билјана Ивановска. Како што изјави таа за „Телма“, Димитровска уште кога ѝ беше отворена истрагата за случајот во кој е обвинета дека оддавала службена тајна на обвинет во „Адитив“ требало самата да се повлече. Вчера ѝ беше поднесено обвинение не само за оддавање службена тајна на обвинет во „Адитив“ туку и за тоа дека некој државен ревизор наместо неа полагал тест после кој Димитровска добила безбедносен сертификат со степен „државна тајна“. Државниот завод за ревизија уште не знае кој е ревизорот што помогнал Татјана Димитровска и полагал во нејзино име, ама се обратиле до Обвинителството за информации за да може да постапат законски.
Препорачано
-Не може претседател на институција што треба да е симбол за интегритет, за етичко за морално однесување да не применува ниту една буква од овие вредности. Ние многу знаеме да зборуваме за етика, но едно треба да ни е јасно, етиката не е само теорија сите постапки и одлуки се одраз на нашите етички норми. Таа доколку и понатаму не дава оставка, односно не ѝ значат овие етички норми со кои што прави голема штета на институцијата сметам дека Собранието има одговорност и законско право да ја разреши и да избере нов претседател и со тоа да заврши оваа темна страница на институцијата, изјави Ивановска за „Телма“.
Ивановска додава дека со оглед на фактот што на Димитровска и беше изречена мерка забрана за вршење на должноста со тоа се исполнети условите Собранието да ја разреши.
Димитровска се брани од слобода со одземен пасош но може да оди на работа со тоа што има забрана да работи на предмети и да има контакт со пошта и друга документација.