Таравари е во локална, а ДУИ игра во суперлига, порача Ахмети од Мала Речица

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Претседателот на ДУИ Али Ахмети, откако во јавноста се обрати на социјалните мрежи и го најави Бујар Османи како кандидат за претседател, како и заложбите претседател на државата да се избира во Собранието, се појави на прес конференција пред медиумите, дообјаснувајќи ја ваквата партиска одлука.

Од партиското седиште во тетовска Мала Речица, на новинарско прашање објасни дека таков кандидат ќе биде консензуален и ќе ги претставува сите граѓани.

Тој изјави дека идејата е стара 8 години. На прашањето на „Слободен печат“ зошто, иако меѓународната заедница се противела на ваков предлог пред неколку години партијата повторно бара избор на претседател во Собранието, Ахмети без конкретен одговор.

– Идејата е од Конгресот на ДУИ во 2016 година, но и од Конгресот во 2020 година. Ние ги следиме сите случувања, се ангажираме да имаме што повеќе блискост и да се создаде подобар амбиент. Изборот на претседател на државата во Собранието има предност затоа што ќе има и потпретседател, така што ќе има поголема поддршка и на крај со ова ќе се заштедат пари. За еден циклус трошиме милионски суми и ефектот ќе биде со позитивна порака, којашто ќе влијае на зближување на етничките заедници, рече Ахмети.

Тој верува дека претседател на државата еден ден ќе биде човек од албанската заедница.

– ДУИ и јас сме на чело 25 години. Сме издвојувале само победи, сум верувал и денеска верувам дека претседател на државата, ако не денеска, утре ќе биде Албанец. Ако мислам да се повлечам од лидерската позиција ДУИ не ми го дозволува, а ДУИ не знае за порази. Ние сме во комуникација со нашите пријатели кои придонеле за да се развие овој процес, затоа чекорите се прават еден по еден, чекор по чекор одиме кон реализација кон оваа цел, изјави Ахмети.

Ахмети не ја исклучи можноста и за постиизборно колацирање со ВМРО-ДПМНЕ, но, како што додаде, за секоја партија и за евентуални дијалози со нив имаат услови.

– Ние не наметнуваме која ќе бида волјата на нашите сограѓани, ние имаме наша програма и политичка платформа, не само во интерес на Албанците туку на сите граѓани, но нашите линии се ноторни, секоја политичка партија која го оспорува Охридскиот рамковен договор, Договорот за добрососедство, Договорот од Преспа и ја оспорува независноста на Косово, со нас не може да има дијалог. Ние ќе имаме средби со политичарите, разговараме за сите прашања со Ковачевски, а имаме соработка исто и со Пендаровски, сме соработувале, сме комуницирале. Јас му се заблагодарувам за мандатот и му посакувам здравје, рече Ахмети.

За Таравари кажа дека не очекува да добие поддршка во вториот круг оти, како што посочи, нема ниту да влезе, бидејќи ДУИ игра во супер, а тој во локална лига.

–  Ја отвораме вратата за Зијадин Села во европскиот фронт, но тој треба да ги расчисит дилемите во неговата партија.

– Бојкотот не е средство во демократијата, тоа не е препорачливо средство. Сум разговарал со голем број политички партии и се уште продолжуваме со тие разговори и за сите детали кој треба да влезе во овој фронт. Села и неговата партија се поканаети да му се придружат на овој фронт. Ги охрабрувам сите партии. Овој момент е историски за нас за државата. Села треба да објави референдум во партијата дали ќе оди автономно и или ќе се приклучи на европскиот фронт, додаде Ахмети.

Ахмети, како што рече, не сака да прогнозира за освоен број на пратенички мандати, оти во досегашните избори секогаш како што рече ДУИ освојувала повеќе мандати од тоа што тој го очекувал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот