
Талат Џафери вели дека никогаш немало помалку Албанци во АРМ, Одбрана во своја одбрана: Нема дискриминација, Џафери шири дезинформација
Министерството за одбрана попладнево категорички ги отфрли тврдењата на пратеникот Талат Џафери дека во Армијата уделот на Албанците е на историски најниско ниво.
Препорачано
„Како поранешен министер за одбрана, и до пред само седум месеци дел од коалиционата влада, (Џафери) треба да знае како функционира системот на одбраната“, велат во реакцијата од МО.
„Од 10 директори во новата систематизација, ниеден не е Албанец. Од 12 советници во Министерството за одбрана, само 1 е Албанец. Од 29 раководители на сектори во Министерството, ниеден не е Албанец. Од 13 раководители на сектори во Генералштабот на Армијата, ниеден не е Албанец. Од 30 команданти на баталјони, само 5 се Албанци. Албанските офицери со високи чинови и професионални квалификации се деградирани или отстранети од клучните позиции“, рече денеска Џафери на прес-конференција.
„Министерството за одбрана на чело со министерот Владо Мисајловски најпрофесионално и најодговорно го почитува начелото на соодветна и правична застапеност на сите заедници, кое е врз основа на критериумите на стручност и компетентност и истото се применува при вработувањето, процесот на водење во кариера, стручното оспособување, усовршување и школување на сите вработени во Министерството“, се вели во реакцијата од МО.
„Како што веќе е запознаена јавноста, Министерството за одбрана во моментов се наоѓа во процес на внатрешна структурна реорганизација, па оттука наодите се произволно интерпретирани и паушално дадени. Пратеникот Џафери свесно шири дезинформации иако многу добро знае дека откако имаше промена на власта во државава кон крајот на јуни 2024 година, ниту еден припадник од албанската етничка заедница не е променет, деградиран или дискриминиран согласно новата систематизација во Министерството“, е напишано во реакцијата. За илустрација на фактичката состојба како што посочуваат, во моментов, функцијата заменик-министер во Министерството за одбрана ја извршува токму припадничка на албанската етничка заедница“, велат од министерството.
Според МО, припадници од албанската етничка заедница се застапени во сите структури на Министерството и Армијата започнувајќи од највисоките раководни органи односно од работната позиција државен советник, раководител на сектор, помошник раководител на сектор, раководител на одделение и сите останати позиции, како и во сите нивоа на Армијата – од професионални војници до генерали.
„Министерството за одбрана во изминатиот период посветува особено внимание на охрабрувачки мерки за поттикнување и инкорпорирање на соодветна и правична застапеност на заедниците, особено кога станува збор за интерни огласи, но и јавни огласи и конкурси. Армијата и одбраната се професионална структура која никогаш не земала предвид нечија етничка припадност. Тоа така и ќе остане без оглед на обидите на политичките партии да ја оцрнат одбраната и Армијата кои имаат најголем углед кај граѓаните. Независно од етничката припадност, секој оној што со својот професионализам, труд и посветеност придонесува во системот на одбраната ќе биде награден или унапреден, а секој што работи спротивно на интересите на граѓаните и кој нанесува штета на угледот на Армијата и министерството ќе биде санкциониран“, се додава во реакцијата.