Фото: Профимедиа

Таксистите ќе возат на струја – државата ќе субвенционира 200 електрични возила

Во Министерството за животна средина и просторно планирање беше потпишан меморандум за соработка меѓу првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, и претседателот на Унијата на легални такси превозници, Абдула Рушити. Станува збор за проект за субвенционирање 200 електрични возила за таксисти, како дел од заложбите за почист, потивок и поефикасен урбан транспорт.

Меџити изјави дека со овој проект се прави конкретен и значаен чекор кон трансформација на урбаниот транспорт преку субвенционирање 200 електрични возила што ќе бидат ставени во употреба низ целата држава.

„Овој проект е дел од нашите напори за борба против загадувањето на воздухот и подобрување на квалитетот на урбаниот живот. Возилото што го претставуваме денеска е електрично, со највисоки еколошки стандарди, без штетни емисии, без бучава и со висока енергетска ефикасност,“ рече министерот.

Тој додаде дека возилата во неколку фази ќе ги заменат постојните такси возила што користат дизел, бензин или природен гас, носејќи бројни придобивки за граѓаните и животната средина.

Според податоците, просечната цена на едно електрично возило изнесува околу 28.000 евра, а вкупната вредност за 200 возила достигнува 5,6 милиони евра. Министерството за животна средина ќе субвенционира 15 отсто од цената, односно околу 840.000 евра. Анализите покажуваат дека замената на овие возила ќе придонесе за намалување на над 2.700 тони јаглерод диоксид годишно, што е еквивалентно на засадување повеќе од 120.000 садници.

Се очекува проектот значително да придонесе и за намалување на урбаната бучава, особено во густо населени подрачја.

„Ова е конкретен пример за почист, поефикасен и модерен транспорт, што носи директни придобивки и за таксистите и за граѓаните. Досега имаме преземено повеќе чекори за намалување на загадувањето: воведовме ‘car sharing’ со 100 електрични возила, обезбедивме електрични велосипеди и тротинети за јавна употреба, а преку соработка со Европската Унија и програмата ‘EU for clean air’ реализиравме донација од шест електрични автобуси за Град Скопје. Дополнително, ги јакнеме капацитетите за мониторинг на квалитетот на воздухот и засадивме десетици илјади садници низ целата држава,“ потсети Меџити.

Тој нагласи дека целта на ваквите мерки не е само краткорочна промена, туку создавање одржлив систем за справување со загадувањето преку модерни транспортни политики, енергетски решенија и подигање на еколошката свест кај граѓаните.

Претседателот на Унијата на легални такси превозници, Абдула Рушити, оцени дека проектот ќе биде од корист и за таксистите и за пошироката јавност.

„Најголема придобивка ќе имаат граѓаните кои ќе дишат почист воздух. Во Скопје секојдневно се движат три до четири илјади такси возила, замислете колкаво е тоа загадување. Замена со електрични такси возила ќе биде голем чекор напред,“ изјави Рушити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот