Такси / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Такси превозот нема да поскапи, таксистите имаат три тарифи по кои можат да возат

Информацијата која денеска се шири по медиумите за барањето за повисока цена е неточна или некој сака да направи забуна кај граѓаните, тврди Сашо Рајчановски претседател на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје.

Таксистите немаат поднесено барање до Советот на Град Скопје за зголемување на цената на такси превозот, затоа што во моментов нема таква потреба. Информацијата која денеска се шири по медиумите за барањето за повисока цена е неточна или некој сака да направи забуна кај граѓаните, тврди Сашо Рајчановски претседател на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје.

Пред две години кога ги менувавме тарифите во таксиметрите ставивме три тарифи, првата е доколку поевтини горивото, втората е во моментот што ја возиме и трета тарифа доколку дојде некоја инфлација или зголемување на цената. Сите возиме по втората тарифа, а ако има некоја такси компанија, ако сака да вози по трета тарифа ќе може да вози, само ценовникот ќе си го смени во возилото, затоа што во секое возило мора да има ценовник. Ние го решивме ова пред две години. Значи нема никаква потреба за зголемување на цената – вели Рајчановски и додава дека информацијата која денес циркулира во некои медиуми веројатно е пуштена од див таксист кој не знае како се работи со фискален таксиметар.

Таксистите во Скопје имаат на располагање три тарифи според кои можат да наплатуваат, кои се утврдени и усвоени од Советот на Град Скопје.

Првата тарифа предвидува стартна цена од 40 денари и 25 денари по километар и се применува доколку цената на гориво е до 75 денари за литар. По втората тарифа, по која сега возат сите таксисти, цената за старт изнесува 50 денари, а по изминат километар на патникот му се наплатува 30 денари. Според одлуката на Град Скопје оваа цена би требало да ваќи кога цената на горивото се движи од 75,50 до 119,50 денари. Третата, највисоката тарифа подразбира стартна цена од 60 денари и 35 денари по километар, доколку горивото е поскапо од 120 денари за литар.

Токму оваа трета тарифа во медиумите се наведува како цена која се бара од Советот на Град Скопје.

 За да поднесеме барање до Совет треба да не задоволува третата тарифа, ама во случајов навистина нема зошто. Ги имаме тарифите, нема што да бараме во моментов – нагласува Рајчановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот