
Свинско месо има доволно и цената нема да се зголемува – македонските фарми се безбедни од африканската чума
Перо Колевски, директор на најголемата свињарска фарма „Агрија“ вели дека имаме капацитет за стопроцентна покриеност на пазарот на свинско месо, па дури и мал дел останува за преработувачите за да не купуваат увозно, смрзнато месо
Состојбата со африканската свинска чума во земјава е стабилна, свинското месо нема да поскапи, но извозот е невозможен бидејќи сите земји од регионот внимаваат и забрануваат увоз од македонските фарми, иако нашето месо е здраво и квалитетно.
Препорачано
Перо Колевски, директор на најголемата свињарска фарма „Агрија“, за „Слободен печат“ вели дека имаме капацитет за стопроцентна покриеност на пазарот на свинско месо, па дури и мал дел останува за преработувачите за да не купуваат увозно, смрзнато месо. Тој е дециден дека во изминатата 1,5 година цената на овој производ не е зголемена, па дури и по завршување на мерката за замрзнати маржи, тоа е поевтино за 7 отсто.
Сепак, Колевски е претпазлив и додава дека свинската чума е како жарче, за кое никогаш не си сигурен кога ќе пламне, но дека благодарение на мерките на Агенцијата за храна и ветеринарство, свињарските фарми работат според сите безбедносно-здравствени стандарди.
Вирусот на африканска свинска чума не е патоген, тој потекнува од Република Конго и е тропски вирус. Во моментот АСЧ има во 20 земји од ЕУ и за неа нема лек. Постојат експериментални вакцини во Југоисточна Азија, но вакцинацијата со нив би ја отежнала трговијата и со свинско месо и со живи свињи, а единствениот начин за борба против вирусот е строго почитување на мерките и прописите, оти откако вирусот ќе се појави – мора да се направи евтаназија на сите свињи на заразената фарма.
Во изминативе денови хрватските фармери беа принудени да евтаназираат десетици илјади свињи за да го спречат ширењето на најголемата епидемија на африканска свинска чума што ја погоди земјата. Болеста се појави на големата фарма „Беље“ со десетина илјади свињи и се прошири и на други во Славонија. Се проценува дека ќе бидат уништени до 50.000 животни, што би било над 5 отсто од вкупното национално производство. Хрватска веќе помина низ слична криза, а на почетокот на оваа година се појавија нови жаришта во Босна и Херцеговина и во Србија.
– Македонските свињарски фарми работат според високи стандарди за да се заштитиме од оваа болест што нанесува огромни финансиски штети. Засега сме стабилни и имаме доволно свинско месо, па дури и за извоз, но во регионот важи забраната за извоз. Ние и лани имавме можност за извезуваме свињи во Албанија, но тие се придржуваат кон европските правила и наместо од нас, увезоа од Шпанија, Унгарија и од други земји – додава Колевски.
Тој е загрижен повеќе од фактот дека нема доволно работници и особено инженери.
– Даваме плата и од 50.000 денари за општи работници со сите додатоци, но нема млад човек што сака да работи на фарма. Сите бегаат од оваа работа и бараат нешто полесно, а во меѓувреме растат и другите трошоци. Сепак, месото нема да поскапи, па дури и некаде се продава под реалната цена. Добро е што се изборивме да се стопира евтиното замрзнато месо, коа наместо за преработка завршуваше на пазарот како свежо – вели Колевски.
Вирусот на чумата може да преживее во саламите и по неколку месеци
Професорот на Факултетот за агробиотехнички науки Осиек, Владимир Маргета, објаснува за Н1 Хрватска дека вирусот на африканската чума може да преживее во сушени месни производи, кулен, колбаси до неколку месеци или години.
– Можете да бидете носител на вирусот ако сте јаделе таков производ, вирусот ќе ви дојде во раце и несвесно ќе го проширите понатаму – рече Маргета. Тој истакнува дека заразеното месо и производи не се опасни за здравјето на луѓето.
Поради новата епидемија на свинска чума, постојат стравувања дека цените на свинското месо би можеле да пораснат, вели хрватскиот економски експерт Љубо Јурчиќ. Купувачите и увозниците ќе бараат поголеми количини свинско месо од ЕУ, а добавувачите од Европа ќе го искористат ова бидејќи ако сакате повеќе свинско месо на залиха, мора да платите за тоа.