
Светската програма за храна повеќе нема пари за да ги прехрани гладните луѓе на Хаити
Порастот на цената на храната ги загрозува напорите да биде обезбедена и доставена храна до сите што гладуваат на Хаити. Паралелно со поскапувањето на храната, од хуманитарните напори се откажуваат многу донатори
Светската програма за храна на Обединетите нации објави дека не е во можност до крајот на јули да прехрани 100.000 гладни жители на Хаити, зашто нема доволно средства за да ги задоволи итните хуманитарни потреби за карипската нација потресена од природни катастрофи и хронично безвластие.
Препорачано
– Жителите на Хаити, кои веќе страдаат од тешка неухранетост, ќе мораат некако да издржат и без виталната поддршка од храна и финансии низ најлошата криза со глад што ја паметат – предупреди Светската програма за храна (ВФП).
Порастот на цената на храната ги загрозува напорите да биде обезбедена и доставена храна до сите што гладуваат на Хаити. Паралелно со поскапувањето на храната, од хуманитарните напори се откажуваат многу донатори.
Самото доставување на храна до 4,9 милиони гладни луѓе на Хаити е тешка мисија во земјата со 11 милиони жители што веќе две години тоне во безвластие. По атентатот врз тогашниот претседател Жовенел Моисе во јули 2021 година, во земјата царуваат криминални банди, кои постојано се во меѓусебни пресметки. Хуманитарните организации во октомври предупредија дека ситуацијата со глад на Хаити има катастрофални димензии, како земјата да е во војна. За кризата придонесоа и катастрофалните земјотреси во изминатите неколку години, како и поплавите во изминатата пролет.
– Проблемите не можеа да се нанижат во полошо време. Хаиќаните се соочени со повеќеслојна химанитарна помош. Нивните животи се загрозени од насилство, несигурност, економски превирања и климатски шокови. Освен ако итно не обезбедиме финансии, не можеме да отфрлиме откажувања со уште покатастрофални последици – изјави Жан-Мартен Бауер, директор на ВФП за Хаити.
Агенцијата тврди дека пакетите за 450.000 ученици на островот се единствениот оброк што го добиваат децата. Без нови средства, помошта ќе се намали под 250.000 дневни оброци за деца.
Војните на банди ја туркаат карипската нација кон општа анархија, поради што многу хуманитарни мисии го напуштаат главниот град Порт-о-Пренс. Тимот на ВФП за Хаити укажува дека се обезбедени финансии за едвај 16 отсто од планираните акции. Агенцијата на ОН имаше цел да им помогне барем на 2,3 милиони луѓе, но предупреди дека нема да може да им помогне ни на 750.000 ако до крајот на 2023 година не пронајде алтернативни извори за 121 милион долари.
Нема напредок ни во меѓународните напори за враќање на редот и мирот на Хаити. Обединетите нации повикуваат на создавање меѓународна мисија „сини шлемови“, но нема многу заинтересирани земји што би прифатиле учество во мисија во земја во која веќе пропаднале многу странски воени интервенции.
– Ова не е време да се повлечеме, туку да притиснеме. Не можеме да ги изневериме жителите на Хаити во моментите кога најмногу сме им потребни – апелира Бауер од хаитската филијала на Светската програма за храна.