Светот врие, Хавана синдромот и жешката пролет на Балканот

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Бајден одобри нова пратка на оружје, вклучително и најнови суперавиони за Израел, Русија ја торпедираше Резолуцијата на СБ на ООН за санкции против Северна Кореја и ги зголеми апетитите кон Одеса, а Балканот станува сè пожешко место за живеење.

Температурата на светско рамниште расте, а лонецот во кој се измешани многу политики врие. Кога мислевме дека можеби работите ќе тргнат на подобро, ако ништо друго големите сили разумно ќе дејствуваат воздржано за светскиот мир, овој викенд стана јасно дека од тоа нема да има ништо.
Бајден одобри нова пратка на оружје, меѓу кое и најнови суперавиони за Израел. Русија во сличен стил ја торпедираше Резолуцијата на СБ на ООН за санкции против Северна Кореја. Истовремено, Русија сама ѝ пресуди на Украина и ги зголеми апетитите кон Одеса. Додека опозицијата на Макрон е изразено против политиката на Франција која во моментот ја има по однос на Украина, француски војници наводно веќе се во Украина, а Франција ја претрка Русија во продажба на оружје. Во Газа, Израел од одбрана преминува во гонење на Хамас. Ама тоа ќе го прави по теркот на САД, борците на Хамас ќе ги гони секаде каде што ќе бараат прибежиште. Гред Едгрин кој работи за одбранбената разузнавачка агенција на САД, позната како ДИА, за шоуто „60 минути“ зборуваше за операцијата позната како „Хавана синдром атак“. Во неговото гостување во ова шоу тој не изнесе класифицирани податоци, но театрално посочи дека високиот врв на вооружените сили на САД е под влијание и напад од Русија. Во едно друго интервју, Хард талкс на Би-би-си, африканскиот лидер од Гвајана д-р Ирфан Алии изгледаше како да го фати во замка новинарот на Би-би-си, онака „западњачки“ со факти, ама многу дрско, освојувајќи ги симпатиите на сите коишто се противат на, според нивните перцепции, глобалната доминација на западниот свет виден преку Обединетото Кралство и САД. Ердоган загуби на избори во Истанбул, а на Балканот е сè пожешко, ама не од пролетта. Одиме по ред.

 Пресудата на Русија

Фаред Закарија, кој како и нас се израдува за Резолуцијата на ООН во која САД апстинираа и го налути Биби – па ја откажа посетата, најверојатно сега е разочаран. Во неговото шоу за Си-ен-ен тој се обиде да појасни зошто Израел и САД се оддалечуваат во политиките и како тоа може да влијае врз односите во геополитички контекст. Но, со пратката што според многу медиуми во САД (иако не се до крај во право) дојде преку ноќ, Бајден како да ги подмири долговите кон Биби со одлуката да апстинира во Советот за безбедност кога се носеше резолуција која не му оди во прилог на Израел. Со пратката од суперавионите одобрена експресно и ексклузивно, Израел значително ќе ги зголеми капацитетите во воздух и доминацијата во регионот. Тоа можеби е составен дел од намерата на Израел да премине во следна фаза од операцијата против Хамас.

Според израелскиот министер за одбрана, Израел сега преминува во гонење. Тоа на оперативците им е апсолутно јасно и знаат дека ако е со конвенционален противник, тоа би значело зголемени маневри, огнена поддршка и борбено сервисна поддршка – значи задвижување на луѓе и ресурси во голем број. Сепак, ако се знае дека Хамас не дејствува конвенционално, туку користи тактика на герила, тоа ги крева веѓите, особено ако се знае просторот на кој се изведуваат борбените операции во тој дел од светот. Тука, за волја на вистината министерот за одбрана на Израел појасни дека идејата е да се гони Хамас секаде во регионот, што само по себе значи дека ќе гледаме голем дел од операциите што се налик на Глобалната војна против тероризмот од времето на Обама. Целни убивања со дронови или преку специјални тимови и/или апсења лица преку киднапирање.
Русија во нејзин стил донесе пресуда. Можеби и ќе беше во ред да се прифати пресудата ако имаш отворена истрага, ама пак тие во нивни стил би забележале дека и истрагите кои ги води Запад ја имаат истата транспарентност.

Не навлегувајќи во оправданоста на ваквите тврдења, кои за волја на вистината не се баш до крај точни, би рекле дека оваа пресуда и барањето до Украина да го испорача шефот на разузнавачката служба што наводно стои зад терористичкиот напад е алиби за интензивирање на нападите.
Од она што доаѓа преку Телеграф каналите, се смрзнува крвта. Руската пропаганда добро го синхронизира сето тоа и го пакува како акционен филм во кој се гледа далеку поподготвен персонал во борбени операции како што ретко се гледаа досега. Истовремено, троловите започнаа сè поинтензивно да споделуваат видеа од Одеса, имплицирајќи дека НАТО офицери веќе се во Украина, со што секој напад за проширување на „специјалната воена операција“, во превод агресијата, ќе биде легитимен.

Од овие информации наводно Франција има веќе сили во Украина, што ги заострува односите помеѓу двете земји.
Во интервјуто за 60 минути, шоу за кое неколкупати сме говореле на овој форум, Гред Едгрин објави шокантни информации. Според него, ДИА-разузнавачка служба на Пентагон, преку комбинација на различни методи за собирање информации дошла до фрапантни податоци според кои САД се нападнати од Русија. Собирањето податоци се состоело од СИГНАЛ Интелиџенс-или следење комуникации какви што се електронските комуникации, но и системи што ги користат странски служби и агенции (на пример, радари и борбени системи). Понатаму била применета методата HUMINT – што е кратенка на индивидуално разузнавање во стилот на Џемс Бонд и доаѓа од „Human Intelligence“. До податоците дошле и преку користење на разузнавање од отворени извори или колоквијално познато како OSINT – доаѓа од „Open source Intelligence“, иако стручниот термин е известување за податоци од отворени извори – бидејќи тоа во либералниот свет не се класифицира со терминот разузнавање. Анализата на податоците вкрстила финансиски извештаи, патувања, комуникации преку интернет и социјалните медиуми.

Хавана синдромот – мит во медицината

При објаснувањето Едгрин малку ги разочара жедните геостратези, бидејќи јасно се огради од детали заради класифицираниот материјал, но верувајте ги подгреа апетитите како и кај нас за теории на заговор и нагодување за вистинскиот резултат. Главниот фокус според него на оваа операција бил на Москва. Во следењето на информациите се појавил систематизиран начин во кој рангот (или како што објаснува тој, калибарот на офицерите од САД) кои биле цел на дејството на Москва не бил некој ранг од средно ниво (тоа отприлика е ранг на постар мајор потполковник или полковник – за читателите што немаат служено војска). Попрецизно Едгрин сликовито објасни дека рангот во висина на офицерите што наводно биле зафатени од дејството на разузнавачката мрежа на Москва е меѓу топ 5 проценти по ранг во хиерархијата на вооружените сили на САД. Интересно е што сите тие офицери на кој било начин биле поврзани со прашања околу Русија. На прашањето кој е импактот со ваквата операција на Москва ако САД знаат за тоа, Едгрин појасни дека импактот всушност е голем.
Разузнавачите од рамките на армијата и Министерството за одбрана на САД, заедно со цивилниот кадар што работи во дипломатијата во голем дел од дипломатските постови поврзани со Русија морало да биде повлечен предвремено. Тоа, само да појасниме, има импакт во структурата, го обременува планирањето ресурси и изнудува дополнителни напори и координација, но може да доведе и до грешка. На пример, замислете си ако некој што требало да замине на дипломатска мисија за една година по опсежни подготовки, замине веднаш. Покрај личните проблеми што се јавуваат и имаат импакт врз тој офицер или офицерка, дипломат или дипломатка, стручните проблеми исто така се пречка или вектор на закана. Тоа значи дека циклусот на подготовка не е докомплетиран, или пак дури ни самата селекција не е докомплетирана, бидејќи тоа место треба – мора да се пополни со друг дипломат. Тоа значи дека кога сте донесени во ситуација да носите одлуки под притисок можни се грешки и импровизации.
Инаку, таканаречениот синдром познат како Хавана синдром, засега е мит во медицината и е карактеристичен за американските дипломати. Овој феномен кој е евидентиран од 2016 година е проследен со силни болки во двете уши, губење на слухот, интензивен притисок и вибрации во главата, силни главоболки, губење на меморијата, депресија, несоница, вртоглавици и слични симптоми кои ненадејно се појавуваат кај жртвата.
Иако засега нема конкретни заклучоци што укажуваат на изворот на овие симптоми и ефекти кои се раширени меѓу дипломатите и разузнавачите на САД, првичните индикатори или хипотези се дека овие ефекти се предизвикани од константна изложеност на радиофреквенција. Според првичните наоди, а во таа насока беше и интервјуто за „60 минути“ е дека овие ефекти се дело на странска служба, вперувајќи го прстот кон Русија.

Се крева температурата на Балканот

Додека светскиот лонец врие, Балканот станува сè пожешко место за живеење. Вучиќ со нов маневар, по назначувањето на поранешниот министер за одбрана (кој имаше мошне радикални ставови) за премиер имплицира дека Србија мора да се подготви за најлошото. Два српски ловци летаа маестрално, а според нив засега предупредувачки поради наводно нарушување на воздушниот простор. Како зачин за критичарите на западната политика на Балканот посебно во односите меѓу Србија и Косово на сето ова дојде и поканата за српскиот претседател да присуствува со посебен статус на состанокот на БРИКС во Русија. Геополитиката станува зачинета и со изјавите на Вучиќ дека на Србија ѝ се спрема тешко сценарио, а назначувањето на Милош Вучевиќ за министер за одбрана е токму поради неговото искуство во делот на одбраната.
Паралелно на изјавите на Вучиќ околу Србија и Босна (Република Српска), реториката на Додик е далеку од испад и сè повеќе имплицира на отворен конфликт. Албанските лобисти во регионот што го поддржуваат Курти наспроти Рама масовно споделија интервју во кое се имплицира на корупциски скандал на Ескобар и негови семејни бизнис-врски со Белград.
Написот кој имплицира нетранспарентност на Стејт департментот допрва ќе се дели од овие тролови, а сето тоа ќе ја крева температурата во регионот. Лошото во тоа, драги мои, е што таа температура не е од пролетта, туку од вжештените глави на политичарите, кои според дејствата дијалогот го менуваат за конфликт и тоа сè поинтензивно.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот