Судење Геријатрија / Фото „Слободен печат“ Слободан Ѓуриќ
Судење Геријатрија / Фото „Слободен печат“ Слободан Ѓуриќ

Сведок во судница: „Додека пациентката ми умираше дома, директорот на Геријатрија се пазареше со мене како да дојдам до нејзиниот имот“

Жената која ги пријави екс-директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина Мухсин Арифи, како и негувателот од истата болница Блерим Амити дека ѝ барале 20.000 евра капар за да сместат неподвижна пациентка со повеќе здравствени состојби во болницата, денеска сведочеше во Основниот кривичен суд. Во предметот Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги товари Арифи и Амити за примање поткуп и за примање награда за противзаконито влијание.

Жената која сведочеше пред судот рече дека 20.000 евра биле само почетен капар, а крајната цел била да се дојде до станот на пациентката. Таа имала договор за доживотна издршка за пациентката, бидејќи родителите на пациентката починале а истата ја знаела повеќе од 20 години преку пријателство што го почнале нивните родители.

-Пациентката ја знам над 20 години. Ова е пријателство кое е почнато од нашите родители. Ние израснавме со неа заедно, буквално сме куќни пријатели. Нејзините родители починаа во 2021 година а таа имаше здравствени проблеми, боледуваше од епилепсија и имаше психолошки проблеми и затоа беше ограничена за дружење. Нејзините родители имаа доверба да се дружи само со мене, со сестра ми и со нејзините братучеди.

Во средината на декември 2024 таа беше сместена во ГОБ „8 Септември“ а докторот оттаму ми се јави бидејќи одев кај неа на посета, дека не може да биде сама. Тука почна дискусијата што да направиме за таа да не биде сама. Бидејќи живеам сама и имаше услови кај мене во станот да живее и таа, мислевме да ангажираме негувателка да се грижи да и дава терапија и јадење.

Тоа и го направивме но за жал на 27 февруари 2025 поради некој епилептичен напад пациентката повеќе не можеше да стане од кревет и да оди. Тука почнаа тешкотиите и мојата борба со здравствениот систем во обид пациентката да го добие тоа што ѝ треба бидејќи повеќе доктори што ги консултирав констатираа дека треба да ѝ се смени терапија и да ѝ се прават испитувања.

Успеавме да ја однесеме во ГОБ „8 Септември“ на Ургентен каде направија испитувања и еден хирург кога заврши со испитувањата ми рече – пациентката е типичен случај за сместување во Геријатрија. И ќе го цитирам човекот рече „не знам како ќе се снајдете ама обидете се таму ви е местото“. Ова беше на 28 февруари, го почна жената своето сведочење пред судот.

Водејќи се по препораките на докторот таа се обратила кај матичен лекар, добила упат и потоа отишла на Геријатрија.

-Верувајте судија, јас сум згрозена што на Геријатрија мене на шалтер ни упатот не ми беше задржан. Додека пациентката дома врескаше бидејќи не ја примаше соодветната терапија јас барав начин како да ѝ помогнам. Се обратив кај познаничка , една негувателка која заедно со други вработени на Геријатрија ми рече дека приемот оди исклучиво преку директорот на Геријатрија. По ова почнав да барам термини за состанок со директорот.

Беше љубезен, ме прими во неговата канцеларија. Се појавив со цела папка документи. За жал, воопшто не беше заинтересиран за здравствената состојба на пациентката. Додека јас му раскажував гледаше на неговиот телефон и на крај му поставив прашање како се прима овде пациент. Одговорот на директорот беше дека нема приоритетена листа за пациенти туку тој одлучува кој ќе се прими.

Да ви кажам искрено судија после ова негово кажување мене веќе ми беше јасно дека борбата ќе ми биде многу тешка но од друга страна не можев да дозволам пациентката да не го добие тоа што ѝ следува без разлика на нејзината состојба. Таа имаше право на лекување. По излегување од канцеларијата на директорот кај брат ми се јави еден лик Аљук. На брат ми му рекол дека ќе ми помогнат да ја сместиме пациентката таму, ама директорот бара да биде честен со 3 илјади евра. Додека пациентката ми умираше пред очи дома а имав реакции и од комшиите. Не ми беше паметот во парите верувајте, истиот ден отидов во банка и од мојата лична сметка ги извадив и јас му ги дадов на брат ми 3-те илјади евра. Што направија после со нив не знам, ама ми ги примија документите.

Злоупотребувајќи го матичниот број на пациентката изгледа истражиле околу нејзината имотна состојба. Парите ги вратија назад. И почна директорот преку обвинетиот Блерим да го бара недвижниот имот на пациентката да му го префрлам на негово име. Кој апсурд, рече таа.

Сведокот рече дека недвижниот имот што директорот и негувателот ѝ го барале во замена за хоспитализацијата на неподвижната пациентка значело дека тие имаат увид во нејзината имотна состојба во Катастарот на недвижнини.

Ми го бараа недвижниот имот за кој нашле од Катастар дека е на име на пациентката – стан. И мене не ми беше јасно зашто директорот инсистираше дека пациентката има куќа и два стана. Блерим ми се јави на телефон и ми рече дека директно ќе се сретнеме со директорот, и дека Блерим не сака ништо а директорот што сака нека бара од мене, сведочеше жената.

Потоа таа рече дека првата средба меѓу неа и директорот била снимена од нејзина пријателка зашто знаела дека органите на прогонот нема да ѝ веруваат само на збор.

-Директорот не отстапи од неговото барање од почеток до крај додека мене пациентката ми умираше дома  поради непримаање лекови. На 1 април во состојба на бессознание успеав да ја сместам на Клиника за неврологија.  Осум дена беше на интензивна нега, не можеа да ѝ ја нормализираат состојбата. Додека господинот директор од другата страна се пазареше со мене како да дојдам до имотот на пациентката. На средбите кои ги имав со него се обидов да му објаснам дека јас не можам да го оттуѓам имотот на пациентката. Дали не можеше или не сакаше да разбере не знам. Тој остана на неговото барање до регулирање на имотно-правните односи на име капар да му дадам 20 илјади евра, рече сведокот.

Таа истакна дека решила да го пријави настанот веднаш кога директорот ѝ посочил дека тој одлучува кој пациент ќе се прими во болницата.

-Мојот впечаток беше дека тој се однесува како таа установа да е негова приватна и лична сопственост а не јавна установа каде што секој има право да се лекува. Меѓутоа морам да кажам судија, со оглед на околностите за жал и јас сум дел од правосудната фела, морав да размислам убаво каде да се обратам за мојата пријава да не ја изгуби смислата попатно, рече таа.

Адвокатот на обвинетите Скендер Мехмети го праша сведокот дали знае дека против неа имало поднесено кривична пријава за измама, лажно претставување и незаконско вселување, на што таа одговори негативно, а обвинителката приговараше дека предмет на судењето е примањето поткуп.

Мехмети праша дали сведокот кога дошла кај директорот на Геријатрија му ја претставила пациентката како „жена што чисти“ кај неа дома.

-Не е точно судија, од 8 јануари 2025 почнав да живеам со пациентката и при здрав разум не би очекувала и не би побарала од пациентката да се грижи за хигиената во мојот дом. Напротив, кај директорот отидов со цела папка медицинска документација која не сакаше ни да ја гледа, а ниеднаш во средбите што ги остварив со него не праша хумано како е пациентката, рече сведокот.

Пациентката беше хоспитализирана на Геријатрија каде е уште сместена откако МВР го приведе Блерим Амити во автомобилот на сведокот со 20 илјади евра обележани банкноти. 

Судот го предупреди обвинетиот Блерим Амити во иднина да не го контактира сведокот и да не влијае врз други лица од нејзиното семејство, а во спротивно ќе бидат преземени мерки. Ова дојде откако обвинителката Искра Хаџи-Василева пред судот кажа дека вчера жената-сведок повеќе пати добила повици од обвинетиот Блерим, на само 1 ден пред нејзиното сведочење, а и со претходни однесувања забележала обид за суптилен притисок кон неа.

Обвинетиот екс-директор Мухсин Арифи го праша сведокот зошто откако ѝ го кажал мислењето на психијатрите од Геријатрија дека пациентката не е за таму поради нејзината возраст од 42 години и поради дијагнозата, таа инсистирала праќајќи го братот и братучедот кај него во канцеларија да му прават притисок да ја примат.

-За извештајот од вашиот психијатар, се прашувам како може да еден доктор да даде мислење без да го види пациентот? Второ, брат ми одеше во Геријатрија да ја брка административната процедура бидејќи јас бев зафатена со пациентката дома а директорот не се појавуваше на работа во одредени термини кои неговата секретарка ми ги кажуваше.

Тоа што истиот сака да го нарече притисок, беше интерес од моја страна до каде е работата за приемот на пациентката бидејќи ми беше кажано дека ќе се прими за 3 дена а никогаш не ја прими, рече сведокот и додаде дека приемот во болница не е детерминиран со возраста туку со медицинската состојба.

Арифи и Амити на 8 април годинава беа уапсени на Клиниката за Геријатрија. Според ОЈО ГОКК едниот од нив влегол во возилото на жената сведок и во име на директорот примил 20 илјади евра бележани пари.

ВИДЕО | Директорот на Геријатрија бил приведен во дворот, додека посредникот ги земал 20-те илјади евра мито во автомобил

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот