Судскиот совет бара воедначена судска пракса за сообраќајките, ќе ја испитува намалената пресуда за прегазената велешанка Магдалена

Судскиот совет ќе ја преиспитува пресудата на Апелациониот суд во Скопје со која на велешанецот Ангелче Николов му беше намалена затворската казна од 18 на осум години затвор, што претходно му ја досуди Основниот суд Велес затоа што пијан ја прегази 11 годишната Магдалена Иванова на пешачки премин, ја повреди нејзината мајка, не укажа помош, избега од местото на настанот и се криеше од полицијата! Намалувањето на затворската казна деновиве предизвика жестоки реакции во јавноста.

– Судскиот совет со внимание го следи случајот со изречената пресуда на Апелациониот суд во Скопје, со која 18 годишната затворска казна на Основниот суд Велес за сообраќајна  несреќа со смртни последици е намалена на 8 години. Заради големата разлика во изречената казна, Советот најавува дека по годишните одмори ќе го испита овој случај – соопшти Судскиот совет.

Судски совет / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Оттаму апелираат до Врховниот суд да обезбеди еднаква примена на законите од страна на судовите преку воедначување на судската пракса, посебно за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

– Советот потсетува дека во неколку наврати и писмено побарал од Врховниот суд, заради невооедначеност на пресудите да се преиспита казнената политика, а по претходно направена анализа на судската пракса. Судскиот совет осудува и каква било поделба на судиите по национална припадност и смета дека неодмерените изјави во јавноста предизвикуваат штета по угледот на судството и државата – предупредува Судскиот совет.

Ангелче Николов од Велес лани во декември во пијана состојба и со голема брзина удри во мајка и ќерка на пешачки премин во Велес, а пред пет месеци за тешкото дело беше осуден на вкупна затворска казна од 18 години, за две дела – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување помош на повредени лице во сообраќајна незгода. Основниот суд образложи дека обвинетиот безобзирно го напуштил местото на несреќата, се криел повеќе од 30 часа и не се интересирал што се случило со оштетените.

– Самото пријавување судот не го зема како олеснителна околност. Двапати е казнуван за возење во алкохолизирана состојба. Признавањето на вината не се зема како олеснителна околност, затоа што судот не стекна впечаток дека има кај него жалење и каење – соопшти тогаш велешкиот суд.

Судиите од Апелација, Ѓоко Ристов, Лирие Елези Ајрулау, Лидија Зимбовска, Енвер Беџети и Енвер Амзаи минатата недела ја преиначија оваа пресуда и казната од 18 години затвор за Николов ја намали на осум. Судиите ја прифатија одбраната на Николов дека Основниот суд Велес превисоко му ја одредил казната, затоа што тој признал вина во судница, се извинил, нема оформено семејство, не е женет и казната ќе му влијае во иднина бидејќи е млад, а со оглед дека има брат што загинал во сообраќајна незгода, тој е свесен за последиците кои се предизвикани на оштетените, како и за психичката и физичката болка која што ја трпат за загубата на нивното дете. Апелација цени дека казната е доволно воспитна и ќе влијае обвинетиот во иднина да не врши ваков вид на кривични дела.

Судската пракса е невоедначена при пресуди за тешки дела во сообраќајот во кои има жртви, што често предизвикува силни дебати во општетсвото. Граѓаните се револтирани од ниските казни и сметаат дека со нив се поттикнува насилното, дрско и несовесно однесување во сообраќајот.

Според публикацијата „Казнено-правни аспекти на сообраќајната деликвенција“ издадена од Академијата на судии и јавни обвинители вината кај оваа категорија казнени дела е едно од посложените прашања, затоа што за сторителот има инкриминација, но нема умисла, односно делото главно се цени како небрежност.

– Вината се појавува во два основни облици: умисла и небрежност, при што умислата доминантно се казнува, за разлика од небрежноста која се казнува по исклучок. Кај сообраќајните деликти небрежната вина е предвидена кај скоро сите дела. Сепак, има тешкотии во утврдување на точниот облик на вина. Ако го земеме предвид фактот дека најчесто учесниците во сообраќајот немаат намера некому да наштетат и да го доведат во опасност својот и животот на другите лица (освен доколку сообраќајот се „злоупотребува“ за извршување на некое дело), недостасува волевата компонента во структурата на вината. Најтешко е да се разграничи евентуалната умисла од свесната небрежност, што важно за квалификацијата на делото и за видот на казната. Евентуална умисла постои кога сторителот е свесен дека поради неговото сторување или несторување може да настапи штетна последица, но се согласил со нејзиното настапување. Свесната небрежност постои кога сторителот бил свесен за штетна последица, но лекомислено сметал дека ќе може да ја спречи или дека таа нема да настапи. За разграничување на едниот од другиот облик на вина се употребува критериумот на безобѕирност. Имено, ќе постои евентуална умисла доколку сторителот крајно безобѕирно смета дека нема да настапи штетната последица, а такви се случаите кога едно лице управува во алкохолизирана состојба – се вели во публикацијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот