
Судот не ја пушти Јанева да дојде на рочиште од тужбата на Орце Камчев, кој бара милион и пол евра
Поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева и Бојан Јовановски – Боки 13, денеска не беа спроведени во Граѓанскиот суд каде ги тужи бизнисменот Орце Камчев, кој од нив, како и од државата ги бара назад 1,5 милион евра кои наводно ги дал на Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец.
Препорачано
Вака одлучи судот проценувајќи дека немало потреба од тоа, иако Јанева инсистирала да ги следи рочиштата, но и да ги покрие трошоците за спроводот од затвор, јави Алсат.
-Произлегува дека самото право на одбрана е пониско право од правото на трошоци коишто треба да бидат платени за да можеш ти како и било кој од нас, исто како Катица Јанева, како осуденик да присуствува на судското рочиште, рече адвокатот на Јанева, нејзиниот син Лазар Јанев.
Според Јанев, тие пари не може да му ги даде таа, бидејќи е осудена за злоупотреба на функцијата за добивање награда од 50.000 евра во кожна гарнитура, но не и оти зела пари од Камчев.
-Кривичното дело (во „Рекет“) коешто се става на товар на Зоран Милевски – Кичеец, Бојан Јовановски и на Катица Јанева, не дозволуваат да Јордан (Камчев) има својство на оштетен, туку само на сведок и од тоа не постои активна легитимација за поведување на овој спор…“, рече Јанева.
Според пресудата за случајот „Рекет“, Камчев парите им ги дал на Боки 13 и на Кичеец за да се спаси од прогон во истрагата водена во СЈО, „Империја“ и да добие олеснителни околности.
Тужбата на Камчев со која си ги бара 1,5 милион евра сè уште во подготвителна фаза. Во скопска „двојка“ подготвителното рочиште ќе продолжи на 11 март, а судот допрва треба да одлучи дали воопшто да се отвори граѓанска постапка за тоа дали на Камчев да му се вратат парите назад.
Боки 13 и Јанева добија затворски казни од девет, односно од седум години затвор. Кичеец беше осуден на три години откако призна вина за случајот „Рекет“.