Капушевски и Јахоски

Судот и Обвинителството со различни образложенија – кој бил „за“ куќен притвор за Јахоски?

Сопственикот на „РКМ“, Ратко Капушевски, заврши во затворски притвор во Шутка, додека Асмир Јахоски, сопственикот на „Пуцко петрол“ и син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски наместо во Шутка заврши во куќен притвор. Судот и Обвинителството излегоа со различни аргументи за тоа кој бил „за“ на Јахоски да му биде определен куќен притвор.
Судот по определувањето на куќниот притвор за Јахоски во соопштение за јавноста тврдеше дека пред судијата јавниот обвинител се согласил за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка.

-По прoизнесување на Јавниот обвинител и осомничените во присуство на нивни бранители, во однос на предложените мерки, како и ценење на приложените факти, го прифати предлогот на Јавниот обвинител со кој на Р.К., А.М. и Е.С. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т. 1 и 2 односно Опасност од бегство и Околности кои укажуваат дека ќе ја попречи истрагата со влијание на сведоци. Во однос на осомничениот А.Ј., по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка – соопшти Судот.

Но, Обвинителството излезе со друга верзија дека всушност судијата на претходна постапка не го прифатил предлогот на Обвинителството за Јахоски да оди во Шутка.

-Во образложението на Решението е истакнато дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека истиот со одлука на Основен граѓански суд Скопје е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација. Сите овие околности, како што е истакнато во решението, одат во прилог на намален ризик од бегство и во насока на оправданост за определување на поблага мерка за обезбедување на присуство. Така, Судијата на претходна постапка не прифаќајќи го предлогот на обвинителството одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа – велат од Обвинителство.

Премиерот Христијан Мицкоски не сакаше да ги коментира мерките што ги изрече кривичниот Суд против осомничените за увоз на мазут со сомнителен квалитет, потсетувајќи на степенот на доверба во судството.

-За мене се алармантни информациите што ги добивам, а што се поврзани со однесувањето на првиот човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата што ја спроведуваше Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност пред два дена. Навистина сум шокиран како се однесувал тој човек и како продолжува да се однесува. На нив не им е местото таму, ако сакаат да бидат дворско-партиски забавувачи, тогаш нивното место не е во Обвинителството, туку во оние големи хациенди изградени во Западна Македонија. Доколку сакаат навистина да имплементираат правдина, тогаш треба да го сменат своето однесување. Тоа што го слушнав како тој човек се однесувал, мислам дека многу скоро од денеска ќе се кае, но тогаш се плашам дека ќе му биде доцна – рече Мицкоски без да прецизира за кого станува збор.

Акцијата ја водеше Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција со кое раководи, Исмаил Абази кој кога дојде на функција се поврзуваше со ДУИ.

Во акцијата беа приведени 11 лица, а судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје вчера им определи мерка притвор во траење од 30 дена на бизнисменот Ратко Капушевски и на уште две лица, додека сопственикот на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски доби „куќен притвор“.

За останатите седум осомничени кои беа спроведени во Судот, судијата го прифати предлогот на Јавниот обвинител и донесе решение за определување на мерки за претпазливост.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет. Јахоски се гони за кривично дело „перење пари“, а според Обвинителството зделката ја дале на РКМ на Капушевски иако знаеле дека фирмата не ги исполнува условите за да увезе за 2 години мазут во вредност од на 167 милиони евра, имало фиктивен договор меѓу двете фирми за извлекување на пари, а во два наврати како позајмица, сопственик на својата фирма си префрлил 1,2 милиони евра (720.000.000 денари) за што обвинителството смета дека постојат сомнежи за перење пари. Меѓу осомничените и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство.

„Пуцко петрол“ на удар – Исмаил Јахоски со пратенички имунитет

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот