
Судијата пречкртувал оценки по Закон – ВМРО-ДПМНЕ пред испит да „преполага закони“
Партијата на власт, за да покаже вистинска, реформска агенда, ќе треба да се позанимава закони поради кои подоцна општеството трпи несогледливи последици, без разлика што биле донесени во периодот кога премиер беше нивниот сопартиец Никола Груевски
Судијата Ељведин Ферати, поради кого јавноста се крена на нозе, затоа што го осуди на две години затвор возачот Менсур Пајазити, кој смртно ја прегази младата Теодора Ристовска од Тетово во 2022 година, според измените на Законот за високо образование, донесени во времето на партијата што сега е на власт, ги преполагал испитите откако веќе добил диплома со цел да добие повисоки оценки за да може да се запише на Академијата за судии и јавни обвинители. Измените на Законот кои даваат ваква можност, биле донесени во времето на Никола Груевски, поранешен премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а Ферати само ја искористил законската можност да преполага за да го оствари неопходниот просек поголем од осум, но откако ги завршил студиите на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово (ДУТ).
Препорачано
– Тука се согледува лицемерието, односно дволичноста на власта, бидејќи токму нивната партија, пред десетина години, за време на владеењето на Никола Груевски, донесе налудничав закон, единствен од овој вид во светот, што дозволува преполагање и промена на оцените при веќе издадена диплома. Бадијала тогаш поразумните молеа да не го носат таквиот глупав и, пред сè, штетен закон. Самите неписмени, им се брзаше да си ги поправат оцените за да можат да станат професори, судии и слично. Последиците ги гледаме и чувствуваме денес. Ако не беа независните медиуми, немаше да знаеме што навистина се случило и ќе живеевме во заблуда дека навистина само овој квазисудија е виновен за фалсификување на оценките. Всушност, Ферати ја искористил можноста што му ја нудел законот и „преполагал“ за повисока оцена по завршените студии на ДУТ. Којзнае уште колку други неписмени судии и професори прават штети низ државата, па можеме слободно да кажеме дека владејачката партија со своите погрешни политики по вторпат ја убила Теодора – реагираше на својот фејсбук-профил професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски.
Во иста насока, јавна реакција имаше и Тони Дескоски, професор на Правниот факултет „Јустинијана Прима“ во Скопје, кој вели дека со оваа можност слабите студенти се ниски просеци станаа „солидни“.
– Сега се соочуваме со последиците од таквото законодавно самоволие (сркаме што ни надробиле). Во државната администрација и во правосудството ни се инфилтрирале овие солидни експерти. И сè е по закон. Не можеме да бидеме задоволни затоа што оваа можност за „пумпање“ на просеците е укината. Оние што ја исползувале уште долго ќе бидат во раководните структури на државната администрација и во правосудството – напиша Дескоски.
Од ова произлегува дека партијата на власт, ВМРО-ДПМНЕ, за да покаже вистинска, реформска агенда, ќе треба да се позанимава не само со овој, туку и со слични закони поради кои подоцна општеството има несогледливи последици. За време на владеењето на Груевски озаконета е т.н. „фискална гилотина“, со која, на пример, на газдата на дискотеката „Пулс“, а и на многу други, им е овозможено сами да гарантираат за безбедносните услови во објектот со кој раководат.
Обвинителството нема да го гони Ферати
Обвинителството објави дека нема да го гони Ферати, иако поранешниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) пронајде недоследности во неговиот случај. При контрола на ДУТ од Државниот просветен инспекторат (ДПИ) во матичната книга биле пречкртани три оцени и биле запишани нови, повисоки. Основното јавно обвинителство Скопје оформило предмет откако ДПИ им доставил информација дека кога биле на увид, во досието на Ферати при ДУТ (кога вршеле инспекција), начекале три пречкртани оцени во главната книга, без притоа да најдат и пријави од Ферати за преполагање на испитите. Тие оцени биле важни, затоа што од нив зависело и дали Ферати ги исполнува условите за да се пријави на Академијата за судии и јавни обвинители, за каде што е потребен просек над осумка.
– По поднесено известување од Државниот просветен инспекторат, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет и ја прибави целокупната документација од досието на наведениот студент од Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово и од Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“. Во прилог на досието беа доставени и материјални докази – барања, решенија и пријави за повторно полагање, како и доказ за добиени оцени за четири предмети со кои Факултетот потврдува дека во 2014 година, студентот ги преполагал испитите и добил оцени со кои го зголемил својот просек над 8,00. Потоа се пријавил на Академијата за судии и јавни обвинители. Ваквата информација на 31.1.2024 година, Државниот универзитет во Тетово ја доставил и до Државниот просветен инспекторат, како дополнување на списите врз основа на кои бил изготвен записникот за извршен инспекциски надзор во јуни 2023 година – велат од Јавното обвинителство Скопје за „Слободен печат“.
На 10 март 2025 година, обвинителот донел резолуција со која констатирал дека не се исполнети елементите врз чија основа би можел да преземе кривичен прогон по службена должност.
Како течеше постапката за возачот Пајазити
Судската голгота за случајот со Ристовска трае од 2023 година, кога првостепениот суд во Тетово на Пајазити му пресудил три години и шест месеци затвор, а максималната казна за делото за кое го товари е пет години затвор. Пајазити се жалел на пресудата на Апелациониот суд во Гостивар. Од јавно објавената пресуда на Апелација, вишата јавна обвинителка Вјолца Елмази прво барала неговата жалба да се одбие, но потоа на јавна седница побарала да му биде досудена пониска затворска казна.
– Збор беше даден на присутниот јавен обвинител од ВЈО Гостивар, Вјолца Елмази, за да одговори на жалбените наводи содржани во писмено поднесената жалба на обвинетиот, која на јавната седница изјави дека врши измена на писмениот предлог IIIКОЖ.бр.99/24 од 11.03.2024 година, со кој се предлага делумно да се уважи жалбата на обвинетиот Менсур Пајазити од с. Г. Р., изјавена преку бранителот Александра Богданоски, адвокат од С., против пресудата на Основниот суд Тетово К.бр. 436/23 од 30.11.2023 година, и тоа во делот на изречената кривична санкција спрема обвинетиот на начин што на обвинетиот да му се изрече поблага кривична санкција, имајќи ги предвид олеснителните околности што стојат на страна на обвинетиот, а кои околности не биле во доволна мера ценети од првостепениот суд – пишува во пресудата на Апелацискиот суд.
Апелација ги прифаќа олеснителните околности и му ја намалува казната за две години затвор. Обвинителството уште од почеток го товари возачот за пониска затворска казна за ова дело.
Осудениот се жалел и до Врховен суд, кој го вратил предметот на повторно судење, а видел нејаснотии во постапувањето на Основниот суд во Тетово во признанието вина на Пајазити, кој прво пред судот рекол дека е невин, а потоа најавил дека ќе признае вина.
Највисокиот суд забележува дека тетовскиот суд ја продолжил главната расправа и во доказна постапка ги изведувал само доказите предложени од Обвинителството, а не и доказите предложени од одбраната, бидејќи прифатил дека е повлечена предложената листа на докази.
– Оттука, Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека првостепениот суд не расчистил и не утврдил дали осудениот сакал да даде признание на вина согласно член 381 од Законот за кривичната постапка и дали судот тоа го прифаќа, па следствено на тоа да ја продолжи постапката во согласност со наведената одредба од законот и да донесе одлука согласно член 381 од Законот за кривичната постапка, или таквото произнесување на осудениот го цени како олеснителна околност. Во случајот, останува нејасно согласно кои одредби од Законот за кривичната постапка, судот ја водел постапката, а со цел со сигурност одбраната да знае како ќе располага понатаму со доказите. Потоа, првостепениот суд фактичката состојба ја утврдил само врз основа на доказите на Обвинителството кои биле изведени во доказна постапка, додека листата на докази, предложена од одбраната, прифатил дека е повлечена и судот не ги изведувал доказите предложени од нивна страна – пишува во пресудата на Врховен која била донесена на 25 декември 2024 година.
По неколку одложувања, повтореното судење го водеше судијата Ељведин Ферати, кој на возачот Пајазити му пресуди две години затвор, исто колку и Апелација. Премиерот Христијан Мицкоски изрази згрозеност од пресудата и го повика Судскиот совет да ја разгледа работата на судијата, а евентуалните негови критичари ги нарече „полноглавци“.
Судскиот совет веднаш го прифати предлогот и побара увид во предметот. Пресудата од две години затвор поттикна лелек за правда кај семејството на Теодора. Аргументите на одбраната беа дека таа кобна ноќ било облачно, на булеварот „Видое Смилевски Бато“ немало осветлување, а пешачкиот бил лошо обележан. Како олеснителни околности при изрекувањето на пресудата биле земени тоа што обвинетиот бил неосудуван, дека е татко на две деца и старател на неговата сестра, која имала здравствени проблеми.