
Судии, обвинители и адвокати, но и деканот на Правен факултет меѓу кандидатите на новиот оглас за судија во Стразбур
Судии, обвинители, адвокати, но и деканот на Правниот факултет, Сашо Георгиевски се пријавија на повторениот оглас за избор на кандидати за судија на Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Вкупно биле пријавени 20 кандидати, а 11 од нив го поминаа првиот филтер на Комисијата.
Препорачано
На интервју на 20 октомври треба да одат деканот Георгиевски, судијката Оља Ристова од Апелацискиот суд, уставната судијка Наташа Габер Дамјановска, судијата Али Алиу, членот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, адвокатите Тони Менкиноски, Јордан Апостолски, Наташа Бошкова, Јелена Ристиќ и Ана Дангова, заменик дирeкторот на Aкадемијата за судии и јавни обвинители Илир Исени.
– Комисијата за избор на кандидат на Република Северна Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права, денеска, во полн состав во Уставниот суд ја одржа 2. седница. Комисијата со која претседава претседателот на Уставниот суд, изврши административна проверка на апликациите во однос на критериумите за пријавување и по проверката, врз основа на фактичката состојба ја утврди листата на апликанти кои ќе бидат поканети на интервју – соопшти Комисијата.
Дел од пријавените ги имаше на претходниот оглас кој го поништи Владата откако беа избрани финалните тројца кандидати, обвинителката Ленче Ристоска, судијката Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски не ги исполниле критериумите. Од нив тројцата само Апостолски се пријави на новиот оглас иако не доби „црно на бело“ зошто Владата ја поништи листата со кандидати, односно никогаш не образложи кои точно критериуми што не ги исполнувале кандидатите.
Иако се пријавиле на овој оглас „извисија“, односно не одат понатаму Велимир Деловски, Соња Петрушева, Александар Гоџо, Валентин Пепељуговски, Ѓоко Живкоски, судијата Андреј Димовски, судијката Лидија Неделкова, судијката Едита Наскова и Александар Лазов.
Со оглед на тоа што на огласите вообичаено се пријавуваат судии и обвинители, „Слободен печат“ испрати прашања до деканот кои се причините поради кои одлучил да конкурира, но тој не одговори.
Тој е професор на правниот факултет од 1988 година, а предава повеќе предмети од таа област, вклучувајќи ги предметите: Меѓународно право, европски институции и меѓународни односи (применета програма) – на Политичките студии и на Студиите по новинарство; Правото на EУ, Меѓународно право (примената програма) и Меѓународно хуманитарно право – на Правните студии. Предавал на специјалистичките студии од областа на дипломатското право и односи, како и на тековните постдипломски студии по меѓународно право и меѓународна политика.
Предлог-листата што ја скрои претходната комисија, не беше по мерка на Владата, па формираше нова комисија со нови членови. Новата комисија очекува да ги испочитува роковите и да избере кандидат. Но, она што не може да го предвиди ни самата комисија е колку време ќе се чека мислењето од експертскиот панел на Советот на Европа, од каде прво ќе се бара мислење за кандидатите.
Откако претходниот состав на Комисијата намерно или ненамерно ја прекрши процедурата и предлог листата наместо до Советот на Европа ја испрати прво до Владата, каде што заглави и беше отфрлена, сега новата Комисија предлозите ќе ги прати прво до Советот пред да бидат доставени до Владата. Сепак, пред Советот на Европа процедурата не е така едноставна и кратка. Листата прво ја гледа панел-експерти составен од поранешни судии на Европскиот суд за човекови права и судии на високи судови, значи од меѓународни судови.