
Судење „Онкологија“: Ќерка ми не умре од канцер на дојка, туку ја убија со тие хемии
Јулија Мациевска ја изгубила својата ќерка Андријана Начевска по лекување на Клиниката за онкологија, но денеска во судница, сведочејќи против обвинетите доктори за несовесно лекување меѓу кои првообвинет е поранешниот медицински директор на Клиниката, доктор Никола Васев обвини дека ќерка ѝ не починала од карцином, туку од несоодветна терапија.
Препорачано
Обвинителството ја прашуваше мајката дали на нејзината ќерка која сега е покојна, пред примањето на терапијата ѝ биле правени испитувања.
Мациевска одговори дека ѝ била направена само крвна слика, но никогаш не ѝ била измерена телесната тежина. Инаку терапиите кои што се администрираат на болните од карцином, зависат од телесната тежина на пациентите. За тоа кога за првпат забележала дека ѝ се влошува здравствената состојба на нејзината ќерка, Мациевска рече „откако започна со примање на имунотерапии“.
Додека ги примаше хемотерапиите имаше навистина тешки состојби, буквално експлозија на организмот … На Адријана никогаш не ѝ беше измерена телесна тежина, сега прочитав дека тоа морало да се направи. Секако дека јас алармирав за состојбата, бидејќи имав телефон и од Нино Васев и од Мери Пешевска, но одговорите беа дека тоа е нормално после секоја терапија и дека ќе ѝ помине. Адријана толку многу веруваше што кога ќе отидевме на Онкологија – ние во доктор Нино гледавме Господ. Не можам да кажам дека тие на почетокот не беа љубезни. Ги истуркавме хемотерапиите некако и таа се крена, дури спреми цела изложба, сѐ додека не почнаа тие имунотерапии, рече Мациевска.
Со секоја следна имунотерапија, додаде, симптомите биле сѐ посилни, но, рече, и покрај нејзините реакции Васев продолжил со давање имунотерапии нагласувајќи дека тоа е „превентивно и е најприродна биолошка терапија“.
– Доктор Нино рече дека ќе продолжиме со имунитерапии превентивно и дека тоа е најприродна биолошка терапија. Уште по првата терапија Адријана имаше реакција која што не беше добра, им кажав дека не е добра. Со секоја следна симптомите ѝ беа и тоа како силни, јас реагирав постојано дека мора да се прекине со тие имунотерапии. Кога првпат отидовме на Гастро, докторот таму ми рече:
„Дали знаете каква е состојбата на вашето дете? Таа не е добро. Црниот дроб е оштетен и има вештачки метастази од неадекватна терапија“, сведочеше Мациевска.
Понатаму, Мациевска се осврна кон карактерните особини на Васев, нагласувајќи дека во текот на лекувањето заедно со нејзината ќерка положувале силна доверба кон Васев, но реакциите на имунотерапијата не биле добри.
Ќерката кренала температура, имала нагони за повраќање, дијареа, се посилни симптоми и најсилно страдање – ѝ течело крв од носот, имала температура после имунотерапијата.
-Организмот како да експлодираше. И течеше крв од нос, имаше температура. Јас тврдев дека не и е добро. Таа беше уплашена. И велев сине, јас ќе му кажам на Нино да ги прекине, кога и да го видев кажував дека не и е добро на Адријана, но знаете како јас не сум човек што сакам да обвинам, а знам дека моето дете замина поради таа неадекватна терапија.
Се заколнав дека ќе ја зборувам вистината. Две години водевме голгота и три поминаа од кога почина. Кога се сеќавам на тие моменти ми се враќа филмот. Кога ќе се сетам вие молите, а од другата страна гледате авторитет, сведочеше мајката.
Според нејзиниот исказ, и покрај влошената здравствена состојба, терапијата продолжиле да ѝ ја даваат, од што стомакот почнал да ѝ се надувува, да се полни со вода.
-Кога и дадоа една терапија, јас и велев тоа е како отров за глувци и да ги фрлиме. Ќе му кажеме на Нино, дека вака не може. Таа се плашеше од тоа дека потоа можеби нема да се љубезни со нас. Таа беше многу нежна и му веруваше на Нино. Му се јавував – докторе детето паѓа во несвест. Тој цело време ми велеше дека се паничам.
Јас прашувам Мери, какви се контраиндикациите од ова што ќе прими и беше се потешко. И Мери ми кажа дека може да ѝ отечат рацете и нозете, но ќерка ми имаше полн стомак вода. Ќе експлодира. Ќе дојдете ќе извадиме и тоа е. За неколку дена оттогаш и отекоа и рацете и нозете.
Таа ми се јавува и ми вика отидов цела, ќе експлодирам. Не знам како успеала, седнала во кола и право на Онкологија. Кога јас отидов од емисија, она веќе беше приклучена на апарати, по десет литри вода се полнеше од нејзиниот организам. Тоа се такви страшни болки кога ве пунктираат, а таа само трпеше. Ми велеше постојано на градата немам ништо, мене ми е проблем стомакот, сведочеше жената.
Сведокот обвини дека докторите ја предозирале ќерката со имунотерапија и додаде дека на Клиниката за гастроентерохепатологија ѝ било соопштено дека на девојчето му остануваат само неколку денови живот.
– Нино Васев има една црта што изгледа ноншалантно и авторитетот го наметнува на свој начин, а кога ќе сака да си ја тргне одговорноста прави шеги и ќе ти го одвлече вниманието. На почетокот верувавме, но како мајка која е многу свесна, едноставно јас го прашувам нешто сериозно, а тој го одбегнува моето прашање. Моето дете сакаше и веруваше дека ќе биде добра. Од оваа дистанца, Нино Васев мртов ладен се слика со нас, ни кажува вицови за некоја плавуша во Драчево, но тоа мене не ме интересира кога детето ми е болно и во лоша здравствена состојба. Последната недела кога се боревме ги немаше никаде и Нино и Мери. Таа не умре од канцер на дојка, туку ја убија со тие хемии. Мене пари не ми требаат, јас го изгубив моето дете, ќе бараме материјална оштета и ќе ја донирам. Се приклучувам и кон кривичниот прогон, затоа што знаел што прави, но некаде по пат ја изгубил човечноста, сведочеше Мациевска.
Таа е сведок на ОЈО во предметот против поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Никола Васев и тројца онколози обвинети за несовесно лекување пациенти.
Денешното рочиште продолжи без второобвинетета Мери Пешевска која призна вина. Васев и двајца обвинети Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, сите вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, на минатото рочиште пред Судот негираа вина.
Васев на минатото рочиште пред Судот рече дека не се чувствува за виновен и реагираше дека „се дозволило во постапката вешто лице што тој го сменил од директор на Клиниката во 2017 година“. Според неговата одбрана, пак, против Васев се води „некој вид на заговор“ и најави дека во целост ќе се спротивстават и побијат доказите на Обвинителството преку основани и цврсти докази, вклучително и вештачења и вербално сослушување на докторите од Србија и Словенија, кои ги изработиле вештачењата на Обвинителството.
Судскиот процес го води судијката Снежана Марковска.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.
Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.