Судбината на неканет гостин на „проевропска вечера“

Мухамед Халили, Фото: Архива

Јас ја испуштив „историската можност“ да учествувам на една богата „проевропска вечера“ и почнав да фантазирам и да сонувам како би било една таква вечера, макар консултативна за евроинтеграции, да биде под покровителството на премиерот во некој крајбрежен европски град, на пример во Солун, Драч или во Бургас со богато мени на морски специјалитети и да разговараме за европската иднина на земјата и да го прошириме проевропскиот фронт. За инает на ВМРО-ДПМНЕ.

Пред нешто повеќе од две месеца еден мој другар колумнист ме праша дали ќе одам на една консултативна вечера“ во еден реномиран хотел во Скопје каде што домаќин би бил поранешниот премиер Димитар Ковачевски (не овој техничкиов 100 дена, Албанец од ДУИ).
Зачуден го прашав кој е поводот на поканетите повеќе од 60 гости за да знам која била причината што не ме поканил и мене. После дознав дека станувало збор за новинари, аналитичари, колумнисти, ДУИ-сти, СДС-исти „проевропски“ ориентирани со цел со силата на аргументите да ги победат анти-НАТО, анти-ЕУ и анти-САД настроените интелектуалци, професори и аналитичари.
Јас ја испуштив „историската можност“ да учествувам на една богата „проевропска вечера“ и почнав да фантазирам и да сонувам како би било една таква вечера, макар консултативна за евроинтеграции, да биде под покровителството на премиерот во некој крајбрежен европски град, на пример во Солун, Драч или во Бургас со богато мени на морски специјалитети и да разговараме за европската иднина на земјата и да го прошириме проевропскиот фронт. За инает на ВМРО-ДПМНЕ.
Сметката би била на Отворен Балкан проширен со Бугарија и Грција, слично на Саемот за вино минатата година во Белград. Дури ќе испеевме и понекоја песна стимулирана од чаша вино.
И се помирив со судбината дека неканет гостин не се оди никаде.
Истражувајќи ги подлабоко причините на моето неканење на вечерата од „сигурни извори“ дознав дека власта ми „замерила“ дека не сум го поддржал проектот на Заев „цела Македонија марихуана“ со кој државата ќе станеше втора Швајцарија на Балканот. Понатаму, не сум ги афирмирал во доволна мера светските чуда Соравија, Еуровија, М-НАВ-ија семејните стебла до трето колено, како што ги споменуваше премиерот Ковачевски афирмативно и не сум пишувал за талентираните млади бизнисмени што преку ноќ стануваат мултимилионери со нивните 22 години живот.
Не ми бил прифатлив ниту, пак, проектот на казината, иако Груби пред јавноста излезе триумфалистички со „речено сторено“ во полза на Албанците. Истражувачкото новинарство откри дека имињата на речиси цела плејада имиња на семејното стебло на шефот на кабинетот на вицепремиерот се наоѓаат во разни управни одбори на српско-бугарски конзорциуми на казина и разни лотарии.
Дополнително на тоа не сум ги поддржал странските ПР-консултанти од Израел и од Австрија, кои со години работеле (како што пишуваат весниците) за нашите лидери и не сум ги пофалил нивните бизнис-активности на полето на казината.
Една друга „забелешка“ упатена кон мене била дека јас не го афирмирам владиниот проект „Македонија во Европа и светот“. Што подразбира тоа?
Имено, млади активисти на владината коалиција, една недела пред изборите трчаат по кафеани, театарски претстави, киносали, по дискоклубови и ги прашуваат младите незаинтересирани за политика дали сакаат да бидат партиски активисти за време на изборите за веднаш потоа да ги испраќаат како владини конзули во некои од светските метрополи или да ги именуваат за директори во многу јаки економски гиганти или ги предлагаат за министри, заменици со високи плати на европско ниво.
Некои од тие партиски активисти „успеале“ на три дена пред изборите да бидат именувани на високи државни позиции: министри, директори, заменици на директори и слично. Така, ќерки, снаи, синови и татковци и зетовци на високи функционери до трето колено, внуци и правнуци би се приклучиле кон нивните блиски роднини и би го сочинувале таканаречениот „европски фронт за евроинтеграција“, пардон за корупција и економски криминал.
Слушам овие денови дека една од поголемите замерки ми била дека сум бил лут зошто државните функционери, тргнувајќи во нивниот „макотрпен пат“ за приклучување кон Европа прво за 78% ги зголемиле нивните плати наместо да ги фалам дека ако тие први влегуваат во Европа со европски плати, тогаш останува надежта дека до 2030 година за некои 4-5% ќе се зголемат и платите на нас сиромашните. Тоа е европска перспектива што не треба да се испушти. Македонија има европска перспектива!
Надежта живот дава. Поранешниот премиер Ковачевски, кому пред неколку денови, исто како и на неговиот министер, му е одобрена апанажа од 2.500 евра месечно, автомобил и шест бодигарди (зошто му се потребни баш шест) ни дава надеж дека конечно нашле уставно решение да не растат платите на функционерите. Ова е предизборно ЕПП.
Ова е нешто слично како во „Така зборуваше Заратустра“ од Ниче. Буржуите сакаат да ја експлоатираат работничката класа, а овие преку бунт сакаат да ги симнат од власт.
Прашањето е дали и колку со оваа политика на највисоките плати на градоначалниците, претседателот на државата, пратениците, министрите, судиите, итн. итн., политичките партии од власта и од опозицијата ќе ја мотивираат работничката класа да излезе на избори и да гласа за нивниот претеран луксуз што функционерите не го уживаа дури и во економски силната Југославија. Од прогласување на независноста такво нешто не се памети.
Неколкумина од учесниците на таа богата владина софра (ако е одржана) – професори и истакнати новинари веќе дење и ноќе се активни на терен. Читаат, анализираат, пишуваат и сонуваат како еден ден ќе победи европскиот фронт кој читам овие денови е пред распаѓање.
Верувам дека многумина тоа го прават од нивното европско убедување, но сепак има и такви што ги сакаат повеќе европските евра и бенефиции отколку нивното политичко убедување.

(Авторот е член на Советот на амбасадори)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот