Фото: mia.mk

Субвенциите не важат за паушалните занаетчии: Дали државната помош дискриминира?

Ние баравме државата да издвои 10, а не 6,5 милиони денари за поддршка, а згора на тоа Министерството за економија и труд постави ограничување за паушалците и тие сега не може да аплицираат за овие средства, вели Агрон Фазлији од Занаетчиската комора

Занаетчиите што плаќаат паушален данок немаат право на учество на Јавниот повик на Министерството за економија и труд за државната субвенција од 200 илјади денари за разлика од оние што се оданочуваат по редовна постапка. Ова е непремостлива бариера за многу фризери, шнајдери, точкари, чевлари и тоа не е добра порака, реагира Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора на Македонија. Тој за „Слободен печат“ вели дека од новиот министер за економија Бесар Дурмиши побарал да нема дискриминација на занаетчиите.

– Занаетчиството е еден од сегментите што беше најпогоден од пандемијата и многу наши колеги ставија катанец. Ние баравме државата да издвои 10, а не 6,5 милиони денари за поддршка, а згора на тоа МЕТ постави ограничување за паушалците и тие сега не може да аплицираат за овие средства. Не сме задоволни и тоа му го пренесовме на министерот. Претходно не дискриминираа со принципот „прв дојден, прв услужен“, а сега субвенциите се недостапни за паушалците. Нам ни е потребен секој денар, па оттука и реално и паушално оданочените занаетчии треба да добијат субвенции за да бидат поликвидни и да имаат место во заедницата. Вака се прави дискриминација – објаснува Фазлији.

Од друга страна, даночниот експерт Славко Лазовски смета дека плаќањето на „ѓутуре данок“ не е добро, а со ваквиот потег, државата сака да ги натера вршителите на занаетчиска дејност да се фискализираат.

– Паушалците сега се во подобра позиција од другите занаетчии бидејќи имаат двојно олеснување – помал административен товар и помали даноци. Тоа во европското даночно законодавство претставува алтернативно оданочување – додава Лазовски за „Слободен печат“.

На 19 јули Министерството за економија и труд најави дека во согласност со Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на малите и средни претпријатија за 2024 година, за субвенционирање на трошоците на занаетчии, предвидени се средства во вкупен износ од 6,5 милиони денари. Субвенционирани ќе бидат докажаните трошоци за предвидените намени од 2023 и 2024 година. Барателот што ќе биде субвенциониран по основа на оваа мерка за набавка на нови машини и/или алати, има обврска да не ги отуѓува најмалку две години од денот на добивање на субвенцијата. Субвенциите не се наменети за износот платен за ДДВ, за царина, за курсни разлики, закупнина за деловен простор, како и трошоци чие плаќање е направено со компензација.

– Министерството за економија и труд го задржува правото да изврши контрола кај субвенционираниот барател во рок од две години од денот на добивање на субвенцијата, а доколку се утврди дека занаетчијата фактички ја нема набавената машина и/или алат за чија набавка бил субвенциониран, да поведе постапка за враќање на средствата – соопштија од МЕТ.

За поправка над 5.000 денари, мајсторот треба да даде отчет за потрошениот материјал

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот