Депресија кај младите
Млади илустрација / Фото: EPA-EFE/MARCO DE SWART

Студија: Проблемите со менталното здравје поистакнати кај адолесцентите, една четвртина од нив размислуваат за самоповредување

Барањето стручна помош треба да биде препознаено како сила, а не како слабост. По прогласување на КОВИД-19 за пандемија, многу деца, млади и нивните семејства доживеаја драматични нарушувања во секојдневниот живот. Во нашата земја сè уште се стигматизираат лицата кои имаат нарушувања со менталното здравје, а со тоа, тие се обесхрабруваат да ја побараат потребната помош.

ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје со помош на УНИЦЕФ и УСАИД изработи студија за „Менталното здравје на адолесцентите и нивните старатели за време на пандемијата со Ковид-19“, а беа вклучени 506 адолесценти (31,4 проценти машки, 68,6 отсто женски) и 492 старатели (29,9 проценти машки, 70,1 отсто женски).

Од вкупниот број испитани старатели, 10,4 отсто имале депресија, а 22 проценти имаат самоповредувачки мисли. Истражувањето покажа дека 30 отсто од адолесцентите имаат умерени до тешки симптоми на депресија. Кај адолесцентите истражувањето покажа дека една четвртина од нив имаат самоповредувачки мисли, а 42,1 отсто имаат умерени до тешки симптоми на анксиозност. Стравот од КОВИД-19 бил поприсутен кај помладите адолесценти, особено од женски пол.

Сите овие податоци укажуваат дека адолесцентите страдаат значително повеќе од депресија, анксиозност, самоповредувачки мисли, нарушено функционирање поврзано со депресија и страв од КОВИД-19 во споредба со возрасните.

Најголема поддршка на испитаниците за време на пандемијата им биле членови од семејството, а на второ место пријателите. Значително повеќе адолесценти (7,7 проценти), во споредба со старателите (4,5 отсто) имаат потреба од помош и поддршка од областа на менталното здравје, но повеќе од половина на оние на кои им била потребна не ја побарале.

На денешната конференција насловена „Менталното здравје ги засега сите“ на која меѓу другото беше презентирана и студијата, претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани во своето обраќање истакна дека десет проценти од децата на глобално ниво се соочуваат со проблеми со менталнто здравје, а проблемите со менталното здравје кај три од четири возрасни лица започнале во детството.

-Отворивме телефонска линија за помош, којашто сега функционира независно од нас. Децата, младите и родителите добија психо-социјална поддршка преку таа телефонска линија, но исто така работевме и на решавање на проблемот на изнемоштеност изнемоштеност кај социјалните работници, со цел да ја зајакнеме нивната отпорност кон овој синдром и за да можат подобро да одговорат на кризните ситуација. Обучивме други професионалци за да можат да допрат до најризичните деца користејќи холистички пристап кон менталното здравје. УНИЦЕФ осмисли програма за обука за вработените во училиштата за помош на децата. Обучивме околу 700 наставници и други вработени за оваа проблематика, изјави ДиЏовани.

Првата дама, Елизабета Ѓоргиевска порача дека треба да бидеме гласни и отворено да зборуваме за менталното здравје.

Време е да ја прекинеме тишината и да зборуваме искрено, гласно и отворено за менталното здравје. Менталното здравје е глобално прашање. Над една милијарда луѓе според Светската здравствена организација (СЗО) се соочуваат со проблеми поврзани со менталнто здравје, додека пак УНИЦЕФ проценува дека едно од седум деца и млади ширум светот имаат одредени проблеми со менталната здравствена ситуација, додава Ѓоргиевска.

Заклучокот од студијата е дека итно се потребни инвестиции во соодветни мерки, преку кои ќе се подобри и заштити менталното здравје кај адолесцентите и кај нивните старатели. Влијанието на индиректните последици од коронавирусот врз менталното здравје и квалитетот на живот имаат поголема улога отколку влијанието на стравот од КОВИД-19. Се препорачува и спроведување јавни кампањи коишто ќе ја намалат стигмата поврзана со барање помош и поддршка за подобрување на менталното здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот