Меѓународна и меѓуградска автобуска станица Скопје / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Студентите полесно и поевтино купуваат авиобилет, отколку автобуска карта за друг град

Одредени градови, покрај тоа што немаат попуст за студенти, немаат ниту повратна карта. Таков е примерот со Струмица, каде што картата во еден правец изнесува 680 денари и, бидејќи нема повратна карта, студентите за да патуваат во два правца треба да платат 1.360 денари. Повратен билет нема ниту во градовите Тетово, Куманово, Штип, Велес, Радовиш и Свети Николе

Цените на билетите за меѓуградски автобуси во државава се зголемени и над 100 отсто во споредба со пред неколку години. За некои градови воопшто нема автобуски линии, за голем број не се овозможени повратни билети и нема попусти за студентите, што влијае на нивниот стандард.

Универзитетското студентско собрание на Скопскиот универзитет (УСС-УКИМ) денеска на прес-конференција ја претстави анализата за финансиските проблеми на студентите со превозот, која ја направила нивната Комисија за студентски стандард. Според наодите од анализата, во Охрид, Битола, Кочани, Прилеп, Ресен, Струга, Кичево и Гостивар има попусти на студентските билети, но тие се исклучок. Поволности не се достапни за најголемиот дел од студентите кои патуваат во друг град за студии.

Студентите кои студираат во поголемите универзитетски центри, како што е Скопје, а доаѓаат од помали градови или сакаат да се вратат дома за време на викендите или празниците, се принудени да ги плаќаат целосните цени на билетите, без никаков попуст. Одредени градови, покрај тоа што немаат попуст за студенти, немаат ниту повратна карта. Таков е примерот со Струмица, каде што картата во еден правец изнесува 680 денари и, бидејќи нема повратна карта, студентите за да патуваат во два правца треба да платат 1.360 денари. Повратен билет нема ниту во градовите Тетово, Куманово, Штип, Велес, Радовиш и Свети Николе.

УСС-УКИМ ќе прати барање до сите превозници да воведат попусти за студенти или, барем, да им овозможат повратен билет, а до универзитетските градови (Битола, Тетово, Штип, Охрид) да им обезбедат бесплатен градски превоз за студентите.

Од надлежното Министерство за транспорт, УСС бара да се почитува Националната стратегија за млади 2023-2027 усвоена од Собранието, во која, во областа образование, е предвидена мерката: Донесување одлука за намалување цени на меѓуградскиот автобуски превоз за средношколци и студенти на територијата на цела држава и зголемување на редовноста на линиите, која, според роковите од стратегијата, требало да се реализира минатиот мај.

Претседателот на УСС-УКИМ Александар Николовски и претседателката на Комисијата за студентски стандард Стефанија Милеска истакнаа дека иако цената на нафтата по пандемијата е значително намалена, превозниците не ги поевтиниле билетите и нема корекција на цените.

– Денес, но и скоро деценија наназад, студентите многу полесно и поевтино купуваат авиобилет за во европските земји, отколку автобуски, комби или билет за железнички превоз низ државата. Поевтино е да летаме до Италија отколку да патуваме до Струмица со повратна карта. Подготвеното истражување за меѓуградскиот превоз укажува на фактот дека цените на билетите се зголемени и над 100 отсто во споредба со пред неколку години. По пандемијата, голем дел од автобуските и железничките линии без укинати, а на оние кон останаа, драстично пораснаа цените на билетите. Ова претставуваше, и сè уште претставува голем удар по студентскиот стандард со што студентите се принудени да плаќаат повисоки цени за превоз до нивниот дом – истакна Милеска.

Некои градови, како Македонска Каменица, Делчево, Демир Хисар и Крушево, воопшто немаат меѓуградски превоз односно редовни автобуски линии до ниеден град во земјава.

УСС-УКИМ апелира на итни мерки со кои ќе биде надминат проблемот и, како што истакнаа неговите претставници, со сите свои ресурси се става на располагање и е подготвен да биде партнер на Министерството за транспорт во мапирање на сите потреби на студентите и во изнаоѓањето решенија.

Покрај почитување на Националната стратегија за млади 2023-2027, бараат да се исполнат и барањата на студентите од Студентскиот манифест потпишан во 2024 од најголемите партии во државата.

– Имено, во него бараме бесплатен градски превоз за студенти на прв и втор циклус на студии во останатите универзитетски градови: Битола, Тетово, Штип, Прилеп и Охрид – соопштија претставниците на УСС-УКИМ на прес-конференцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот