
Студентите ќе може онлајн да го пополнуваат образецот за запишување семестар
Студентите на додипломски студии отсега имаат можност онлајн да го пополнат образецот за запишување семестар преку Националниот портал за е-услуги.
Препорачано
Новата дигитална алатка овозможува заштеда на време и трошоци и за студентите и за универзитетите, додека Државниот завод за статистика ќе добива навремени и точни податоци од областа на високото образование.
„Оваа услуга е наменета за сите студенти и високообразовни институции со цел да се поедностави, забрза и дигитализира процесот на поднесување и обработка на податоците. Наместо долгите процедури и хартиените документи, сега образецот може целосно да се пополни и испрати онлајн – брзо, ефикасно и без административни бариери,“ изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на денешната прес-конференција.
Според директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков, секој студент по пополнување ќе добие електронска потврда која ја доставува до студентската служба.
„На овој начин се обезбедува поедноставно пополнување на статистичките обрасци, зголемена ефикасност на статистичките процеси и навремено производство на висококвалитетни податоци со пониски трошоци,“ нагласи Станков.
Во координација со Државниот завод за статистика, планирано е во иднина преку порталот да бидат интегрирани и сите останати услуги поврзани со студирањето. Оваа иницијатива е дел од пошироката стратегија на Владата за дигитализација на јавните услуги, со цел да се создаде побрз, потранспарентен и подостапен јавен сектор за граѓаните.