
Страв, вознемиреност и проблеми со гневот – најчесто пријавувани проблеми на линијата за деца и млади „Ало Бушавко“
Во текот на минатата година, линијата за помош на деца и млади „Ало Бушавко“ при Првата детска амбасада Меѓаши добила вкупно 208 повици, најмногу за проблеми поврзани со менталното здравје. Најчесто пријавувани состојби биле страв, вознемиреност и проблеми со гневот. Според возрасната група, најмногу се однесувале на деца на возраст меѓу седум и девет години, од кои 108 биле машки, а 87 женски.
Препорачано
Извештајот на организацијата беше презентиран денеска во Центарот за социјални претпријатија. Меѓу децата кои се јавиле, дури 97 се пожалиле на страв и вознемиреност, 93 на тешкотии со гневот, а 79 деца изразиле длабока загриженост за себе.
Во споредба со 2023 година, лани била забележана константност во бројот на повици, со благо зголемување на процентот на проблеми поврзани со менталното здравје.
Главните причини за ваквите состојби, како што пишува во извештајот се нарушени односи меѓу родителите, особено по разводи, како и емоционалната нестабилност што произлегува од тие ситуации.
– За жал нашето општество сè уште не покажува доволна посветеност кон менталното здравје на децата и младите, иако тоа е еден од најгорливите и најважни предизвици на современото време. Недостигот од системска поддршка, стручни кадри и интерсекторска соработка остава многу деца без соодветна заштита и поддршка во клучни моменти од нивниот развој. Наместо менталното здравје да се третира како составен дел од севкупната добросостојба на детето, често останува маргинализирано, стигматизирано или занемарено – велат од Меѓаши.
Ваквиот пристап, според нив, резултира со зголемен ризик од долгорочни последици по здравјето, образованието и социјалната интеграција на децата, особено кај оние кои се соочуваат со траума, насилство или семејни проблеми.
На второ место по пријави, односно 16,8 отсто од пријавените деца добиле поддршка и советодавни услуги во врска со насилство и занемарување, што спаѓа во категоријата „Повреда“. Најчеста поткатегорија тука е емоционалното насилство, со 30 пријави, а веднаш потоа следат занемарување на деца (21 случај) и физичко насилство (18 случаи).
Трета по зачестеност е категоријата поврзана со загрозување на правата на детето во образовниот систем, со застапеност од 2,6 проценти. Од вкупно 18 пријави, 16 се однесуваат на проблеми со наставниот или стручниот кадар во училиштата.