
Странски туристи ни доаѓаат, но не се задржуваат долго
Во јули, вкупниот број туристи што ја посетиле Македонија изнесувал 209.932, од кои околу 120.000 (57,9 проценти) биле посетители од странство, објави Државниот завод за статистика.
Препорачано
Во истиот месец, регистрирани се вкупно 770.733 ноќевања во сместувачките капацитети. Од овој вкупен број, 69,2 проценти од ноќевањата се остварени од домашни туристи, додека само 30,8 проценти се остварени од странските туристи, што укажува на тоа дека странците во нашите хотели и други сместувачки капацитети престојуваат кратко.
Во периодот јануари-јули 2025 година, во споредба со истиот период минатата година, е забележано зголемување од 10,2 проценти на вкупниот број туристи.
Во однос на потеклото на странските туристи во јули 2025 година, статистиката покажува дека најголем број посетители дошле од Турција, со вкупно 55.129 туристи, значително поголем број во споредба со другите земји. Следни на ред се Србија со 9.898 туристи, Полска со 4.304 туристи и Холандија со 3.989 туристи.
Растот е главно поттикнат од странските туристи, чиј број се зголеми за 15,1 процент, додека бројот на домашни туристи бележи мало намалување од 0,1 процент.
Во однос на ноќевањата, во овој период е забележано вкупно зголемување од 5,5 проценти во споредба со јануари-јули 2024 година. Странските туристи најмногу придонеле, со дополнителни 11,5 проценти во нивните престојувања, додека престојот на домашните туристи се намали за 0,5 проценти.