Попова Шапка
Попова Шапка / Фото: МИА

Странски инвеститор ќе ја спасува Попова Шапка, која државата одамна ја заборави

Владата ќе ја развива Попова Шапка преку стратешки инвеститор. На денешната владина седница предлог проектот за стратешка инвестиција во ски-центарот Попова Шапка доби зелено светло.

Според Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини станува збор за голем инвестициски проект што е резултат напорите да се заштитат природните вредности

„Сега веќе можеме да ја споделиме информацијата дека добивме сериозна понуда од страна на реномираната европска компанија од Јужен Тирол, ТехноАлпин којашто е светски лидер во производство и инсталирање на системи за вештачки снег, признат експерт за дизајн на скијачки терени и скијачки зони и со 30 годишно искуство, 16 зависни друштва низ светот и 600 вработени. Оваа компанија, по направеното истражување, понуди амбициозен план за развој, иновации и раст на ски-центарот Попова Шапка кој се карактеризира со модернизација на постоечката ски зона и нејзино територијално проширување, подобрување на примарната инфраструктура неоходна за развој на областа, со квантитативни и квалитативно подобрување на туристичко сместувачката дејност, со вклучување на нови капацитети за прилагодување на туристичката понуда на актуелните барања на туристичкиот пазар и проширување на истата“, изјави Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Станува збор за стратешко партнерство со ски-центарот Попова Шапка со амбициозен проект чија вкупна вредност изнесува 186 милиони евра.

Тој вклучува реновирање на постојните капацитети, поставување на систем за правење снег, проширување на постојната скијачка зона со нови објекти и патеки, реновирање и проширување на хотелите, изградба на нови хотелски капацитети, изградба на асфалтни паркиралишта, велосипедски патеки и креирање на други рекреативни активности.

„Предвидено е да се инвестира во два нови хотели исто и нови ски патеки, од горната станица лево на двоседот Свети Илија предвидени се нови паркинг места и нови пристапни патишта, а инвестицијата на инсталација на вештачки снег во првата фаза би ги покривал ски патеките Аеродром, Ге, Тетекс и Свети Илија. Следува дообјаснување на договорот на стратешкиот партнер и владата, а потоа сето ова да помине во Собранието на РСМ, изјави Адем Авзиу директорот на „Елем Турс“ Јавно претпријатие, кое стопанисува со скијачкиот центар Попова Шапка.

Инвестицијата треба да се реализира почнувајќи од 2023 година во 6 инвестициски фази од кои првата изнесува приближно 55 милиона евра.

Жарко Трпковски од скијачкиот клуб Љуботен и познавач на состојбите на центарот ја поздрави одлуката, но се уште вели дека е рано да се коментира, оти не се знае за каков договор точно станува збор.

Центарот како што изјави и неодамна за Слободен Печат треба да работи според моделот од Скијалиште Србија, кој се покажува успешен.

Тој додаде дека според повеќе светски студии, Попова Шапка, односно Шар Планина, има капацитет за 500 000 скијачи на ден, само ако се вложи голем капитал. Тоа се милијарди евра промет, сума која го надминува бруто-домашниот производ.

Досега за скијачкиот центар Попова Шапка и оваа и минатата власт, имаа направено голем број физибилити студии, мастер планови, економски анализи за развој на центарот, но тие засега се само на хартија.

Ќе ѝ се скрои ли конечно капа на Попова Шапка?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот