Стотици деца во Тетово на возобновената Бадникарска литија

По пауза од две години во Тетово се одржа Бадникарска литија на која учесниците поминаа низ градските улици исполнувајќи ја празничната песна „Вечниот Бог”. 

Повеќе стотици деца, дел од нив заедно со родителите, учествуваа на литијата која започна од соборната тетовска црква Свети Кирил и Методиј.  По празничната Света Бадникова литургија, од 10:15 тргна движењето на учесниците на Бадниковата литија од јужната порта на црковниот двор до плоштадот, а по тоа до пазарот. Литијата продолжи по булеварот Благоја Тоска,  до трговскиот комплекс „Тетовчанка“. Оттаму,  назад по булеварот, па на улицата Борис Кидрич, покрај Домот на АРМ, позади Центарот за култура и назад на плоштадот.

На плоштадот празнично здравичарско обраќање имаше хроничарот Дарко Гавровски – Гавро, а настапи трио Шербет.

-Овој празник ги собра тетовчани заедно во знак на верата и слогата и на традиција. Денеска ја имав честа ја првата здравица на првиот ваков начин на празнување по литијата на заеднички на градскиот плоштад. Мислам дека тетовчани се големи верници и имаат доволно слога меѓу нив да го одржиме оваа како традиција за наредните години кои следат и да го оплемениме со уште поубави настани, изјави Дарко Гавровски.

Сопствениците на угостителските објекти пред нивните објекти подготвија празнични маси со дарови за децата учесниците на литијата. Во Тетово прв пат се одржа бадникова литија во 2017 година, а не се одржа во 2021 и 2022 поради пандемијата.

За вечерва на социјалните медиуми верниците се повикуваат на градскиот  лоштад повторно од 18 часот на заедничко народно традиционално чествување по повод Бадник согласно кое децата се маскираат и ја пеат песната „Бдња Баба“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот