
Стоковните резерви нема да се полнат со увозна пченица
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски најавува мерки за зголемување на домашното производство на храна
Годинешната жетва на пченица донесе значителен пораст и позитивни резултати за домашното земјоделство, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски кој ги презентираше бројките и најави конкретни мерки со кои државата го насочува фокусот кон зголемување на домашното производство и обезбедување на стоковните резерви со македонски производи.
Препорачано
– Жетвата на пченицата оваа година е извршена на зголемени површини во споредба со минатата година. Согласно податоците со кои располага Министерството, пченица е засеана на околу 70.000 хектари, а од жетвата се собрани над 280.000 тони, количина која речиси целосно ги покрива домашните потреби – истакна Трипуновски во интервју за „Њусмакс Балканс“.
Министерот потенцираше дека институцијата активно работи на трансформација на земјоделскиот систем, со јасна цел – намалување на увозната зависност.
-Работиме на зголемување на производството, со цел Македонија конечно да не биде означувана како увозно зависна држава. Трендот на раст на производството е сериозен показател – појасни тој.
Како еден од клучните потези, Трипуновски најави дека по долг период, државата повторно ќе ги полни резервите со домашно производство.
-Не може да дозволиме стоковните резерви да ги полниме со пченица која доаѓа надвор од нашите граници, туку стоковните резерви ќе ги полниме со наша домашна пченица. Беше објавен и првиот повик за набавка на 9.000 тони од реколтата 2025 година, директно од производителите – истакна министерот Трипуновски.
Дополнително, тој објави новитет во третманот на земјоделските култури од стратешко значење за државата – за прв пат, оризот е вклучен како стратешка култура во стоковните резерви, а оваа година истите ќе бидат наполнети со 2.400 тони оризова арпа. Со овие мерки, Министерството испраќа јасна порака за поддршка на македонските земјоделци и долгорочна стабилност на прехранбениот систем.