фото: kfsm.mk

Стојановска: Целта е Баскет Кам 2011 да ги обедини титулите

Прв натпревар, официјален за Жаклина Стојановска, како шеф на стручниот штаб, и веднаш, титула, онаа во Суперкупот „Драган Василов-Цевка“. Новото лице на клупата на женскиот кошаркарски клуб Баскет Кам 2011 уште на почетокот на новата сезона, со себе донесе еден особено сериозен пристап кон реализација на планиранираните активности.

Екипата од Македонска Каменица само го потврди својот квалитет со убедливиот триумф над актуелниот освојувач на Купот, МЗТ Скопје Аеродром во Суперкупот.

– Не очекував дека толку лесно ќе тече натпреварот. Меѓутоа, во ред, бевме поспремни од екипата на МЗТ Скопје. Имаме и поискусни играчи во своите редови. И да, убаво е на почетокот на сезоната да се освои една ваква титула. Но, веќе од понеделник, и ние и екипата на МЗТ Скопје продолжуваме со тренажниот процес. Малку прославивме, но продолжуваме понатаму, да ја унапредиме нашата игра. Да бидеме подобри во однос на досега сработеното – вели Стојановска по реализацијата на првата планирана цел во новата сезона.

Во финалето на Суперкупот на Македонија екипата на Баскет Кам 2011 триумфираше над МЗТ Скопје Аеродром со резултат 102:52.

– Извесно е дека овие 40.минути од Суперкупот, не се показател околу тоа како ќе тече сезоната. Сепак, ова е само почеток. Меѓутоа, добро е што победивме, за дополнително да се мотивираме, и да дадеме повеќе, да се залагаме на тренинзите. Секако, ова е некоја лична сатисфакција на играчите, се подразбира, и на клубот. Ние секако дека ќе продолжиме со напорна работа, бидејќи не само во домашниот дел, каде што ќе атакуваме на шампионската титула и онаа во Купот, ќе се натпреваруваме и на меѓународно ниво.

Стојановска вели дека ова е само добар вовед во сезоната во која ги чекаат доста предизвици:

– Ова е само првиот чекор кон целта. Секако дека ќе се обидеме да ги обединиме титулите. Но сезоната е долга, реков, нè очекува напорна работа. Оваа година, и другите екипи во лигата се доста сериозни. И мислам дека ќе имаме едно интересно првенство – смета некогашната репрезентативка, сега предводник на Баскет Кам 2011.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот