
Стоилковски: ДКСК да реагира затоа што Академијата за судии и обвинители го крши Изборниот законик со нови вработувања
ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека Академијата за судии и јавни обвинители во предизборен период го крши Изборниот законик со 130 нови вработувања на обвинители и судии. Портпаролот на партијата Наум Стоилковски пред Јавното обвинителство изјави дека во објектот ЈО за прв пат се врши писмен приемен испит за Академијата за судии и јавни обвинители, наместо да се полага електронски, затоа што не е набавен соодветен софтвер.
Препорачано
Тој обвини дека се работи за класично прекршување на Изборниот закон од страна на Академијата, која треба да биде пример за владеењето на правото и додаде дека по сила на закон во сите државни институции, јавни претпријатија и општини, сите постапки за вработување се ставени во мирување.
– Дали за Академијата за судии е поважен Изборниот законик или можеби им е поважно Мики Крстев од СДСМ, заменик министерот за локална самоуправа, да полага испит со малверзации во време на распишани избори?! Дали за директорката Габер Дамјановска е поважно владеењето на правото од желбата на внуката на Рамиз Мерко, Ерканда Баута, да стане обвинителка со незаконито полагање на тест во изборен период?! Дали Александар Глигоров, син на Емил Глигоров, претседател на судот во Струмица од СДСМ, со ваков писмен наместо електронски испит, ќе има максимални 100 поени? Дали Дитмире Шеху, член на ДИК од ДУИ, ќе има 100 поени на писмениот тест? Може и Фуркан Фета, асистент на ДУИ во Собранието и близок пријател до раководството, ќе освои 100 поени на ваков тип на полагање. Секако и Дарко Герамитчиоски, советник на СДСМ во Општина Прилеп, веројатно ќе има 100 поени на писмен тест прегледуван од човек, наместо електронски – обвини Стоилковски.
Тој ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата да реагира и да го спречат прекршувањето на Изборниот законик од страна на АСЈО, бидејќи, како штп рече, решавањето на овој предмет ќе биде и тест за интегритетот на Антикорупциската комисија која има должност да го заштити Изборниот законик.
– Дополнително, ќе се остави време да се исправи актуелната состојба, наместо електронското полагање да се врши писменото полагање на квалификацискиот тест. Тоа сега значи човечко влијание, можност за манипулации, дополнително одговарање од страна на трето лице на неодговорените прашања и доделување на максимум поени на кандидати кои се доведуваат во врска со власта и дополнително се руши интегритетот на правниот систем во Македонија – рече денеска Стоилковски пред објектот на ЈО.