Сточарот Александар Мачевски / Фото: МИА

Сточарот Мачевски испрашан во полиција, најави тужба за „Анима мунди“ за снимката со јагнето

Попладнево заврши распитот на сточарот Александар Мачевски од пехчевското село Робово, во чиј дом беше снимено видео со живо јагне, кое здружението за заштита на животните „Анима мунди“ го окарактеризира како малтретирање на животното. По распитот, како што пренесува МИА, Мачевски истакна дека ќе поднесе кривична пријава против здружението, но и против лице од Берово, кое на Фејсбук упатило бројни навреди кон него.

-Од она што можам да го кажам е дека фокусот на здружението бил кон инспекторот, а не лично кон мене. Сепак со самото инволвирање на моето семејство, е нанесена огромна штета врз нашиот углед, поради што ќе поднесам пријава до Здружението. Дополнително, за навреди на лична основа, ќе биде поднесена пријава и против поединец од Берово кој ме навредуваше на социјалните мрежи, истакна Мачевски.

Во екот на сезоната на продажба на јагнињата, во домот на сточарот од Робово минатиот петок беше организирана прослава, со изведба на стар обичај кој беше снимен со мобилен телефон. Објавеното видео на социјалните мрежи, Здружението за заштита на животните го окарактеризира како повреда на невино животно, заради што поднесе пријава до надлежните против инспекторот за благосостојба на животните кој присуствувал на настанот, но според нив не го заштитил животното.

Како што потврди самиот сточар, пријава до здружението ќе следува и од самиот инспектор, против кого мерки најави и министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Претходно од „Анима мунди“ соопштија дека не планираат да му се извинат на Мачевски, повторувајки дека нивниот фокус бил инспекторот на Агенцијата за храна и ветеринарство кој наместо да санкционира, славел, а не самиот овчар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот